Дачиќ рече дека Србија останува посветена на целта ОБСЕ успешно да се справува со предизвиците и оти ќе остане конструктивен партнер, кој ќе пружа зајакнување на капацитетот на ОБСЕ.
Тој во својот говор се осврна и на Косово, велејќи дека положбата на Србите таму, никогаш не била потешка. Додаде дека тие се соочуваат со различни видови дискриминација и неизвесност, а како проблеми ги наведе правото на гласање и учеството на парламентарните избори во Србија.
Дачиќ нагласи дека Србија останува посветена на процесот на дијалог за спорот со Приштина, кој се води под покровителство на ЕУ, како и на членството во Унијата, како главен надворешно политички приоритет.
„Во однос на приемот на Косово во ОБСЕ би ве замолил кога говорите за територијалниот интегритет да имате предвид дека тоа е универзален принцип, кој важи за сите“, рече Дачиќ, кој додаде дека Југославија била државата со шест федерални единици, а не седум.
Ако веќе го осудувате кршењето на територијалниот интегритет во други земји, рече Дачиќ, бидете искрени и немојте отворено да го легализирате кршењето на територијалниот интгеритет на Србија на еден ваков собир.
„Што се однесува до Косово, тоа е составен дел на Србија и без договор со Србија не може да се крши меѓународното право. Исклучително го почитувам територијалниот интегритет на Украина и давам се од себе тој да се чува, но немојте да не наведувате на заклучок дека територијалниот интегритет на Србија е помалку важен за Европа и ОБСЕ“, додаде Дачиќ.
Тој на почетокот од своето обраќање им се заблагодари на Македонија и на претседавачот со ОБСЕ; министерот Бујар Османи за организирањето на собирот во Скопје и за раководењето со Организацијата во, како што нагласи, најтешката година од нејзиното формирање.