вторник, 11 февруари 2025
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Да се види очигледното или зошто е важно да го прифатиме „она што е“?

Луѓето различно реагираат кога се соочуваат со расчекор помеѓу своите очекувања за тоа како би сакале да изгледа нивниот контакт и комуникација со другите луѓе и реалноста – како тој контакт и комуникација изгледаат во практиката.
Фото: Лес Андерсон, Ансплеш

Едни тој расчекор го примаат како важна информација и според тоа ги приспособуваат своите очекувања, идеи, планови и целокупно однесување. Информациите што ги добиваат преку своите сетила се факти што имаат функција на насоки и предиктори за во иднина. Други тој расчекор го доживуваат првенствено како разочарување, кое може во толкава мера да доминира што добива функција на филтер, низ кој повеќе не можат да го видат она што е очигледно. Наместо тоа, ја гледаат само својата замисла за тоа каков би требало да биде нивниот контакт со другиот. Се фокусираат на своите желби и се занимаваат со своите идеи, претпоставки, уверенија и принципи, а не со реалноста – која е другата личност, како се однесува кон нив, како тоа на нив влијае и што ќе преземат тие по повод тоа. Наместо реалност и конкретна акција, како стартна позиција за акција одбираат фантазија и фантазирање.

Неверица и исчудување

Неприфаќањето на очигледното можеме да го манифестираме низ различни однесувања. Неверицата и исчудувањето може да бидат еден од начините на кои одбиваме да го прифатиме очигледното. Кога сме секој пат одново во неверица за исти искуства со исти луѓе, најверојатно одбиваме да ја прифатиме реалноста. На вербално ниво, тоа се манифестира со повторување на констатацијата „Не ми се верува!“ или „Не можам да верувам!“ и запрашаноста „Како е можно?!“. Држејќи се себеси во состојба на чудење и неверица, како потајно да веруваме дека со своето неприфаќање го запираме времето, како воздух што сме го вдишале и одбиваме да издишеме додека нештата не се поправат и не дојдат „на свое место“, како наш услов да продолжиме понатаму. А вистината е дека попусто ја трошиме својата енергија и губиме скапоцено време, бидејќи своите ресурси ги вложуваме во чудење и неверување наместо во пронаоѓање решение и излез од ситуацијата.

Разочарување и револт

Повторуваното занимавање со разочарувањето и револтот поради нечии постапки може да биде знак дека одбиваме да го прифатиме она што е. Тоа посебно важи кога се во прашање исти искуства со исти луѓе. Како да велиме – „Знам јас за тоа, но ќе се однесувам како да не знам“. Опирајќи се да го прифатиме очигледното, како да гаиме потајна надеж дека со своето неприфаќање ќе го поништиме она што е очигледно и така повторно ќе „создадеме“ услови да се случи „тоа што треба да се случи, на начин на кој треба да се случи“.

Гешталт-терапија

Кога се во прашање непријатни и болни искуства во контактот со другите луѓе, не е несфатливо ако се „обвиваме“ со чудење и неверица како со волшебна наметка за да се заштитиме од сопственото сознание, бидејќи сѐ додека се чудиме и не веруваме, како да создаваме заштитен простор помеѓу нас и нашето искуство. Како волшебна пелерина што лебди околу нас додека се вртиме во круг и го растерува сознанието што донесува болка. Исто важи и за „бедемите“ од разочарувања и револт. Градиме „бедеми“ од разочарувања и револт за да се заштитиме од болка, бидејќи сѐ додека сме лути и бесни, не можеме да почувствуваме колку сме тажни и повредени.

Психотерапијата е помагање на клиентот да се соочи со она што се обидува да го избегне, вели Фредерик (Фриц) Саломон Перлс, психијатар, психоаналитичар и еден од основачите на Гешталт-терапијата.

Гешталт-терапијата се занимава со „она што е“ и е фокусирана на непосредниот момент, на „сега“, а основа на постулатите на кои се базира Гешталт-терапијата е верувањето дека на човекот му е подобро кога ја прифаќа вистината и кога е свесен за она што е, вели Едвард В.Л. Смит, клинички психолог и ученик на Лора Перлс, психолог, психоаналитичарка и една од втемелувачите на Гешталт-терапијата.

За нашето ментално здравје од голема важност е да го негуваме својот капацитет да го видиме и прифатиме она што е. Тоа е начин да живееме во сегашниот момент. Кога го прифаќаме очигледното, тоа не подразбира дека се сложуваме, одобруваме или се откажуваме. Прифаќањето на очигледното е прифаќање на реалноста и тоа ни е неопходно за донесување добри одлуки и излез од ситуациите во кои не се чувствуваме добро. Во спротивно можеме да поминеме долго време во чудење и неверица или во протест и лутина и да се вртиме во круг до изнемоштеност, неповратно губејќи скапоцено време од нашиот живот и поминувајќи го во трпење и страдање.

Нов почеток

Секоја промена во нашата дневна рутина и во нашите навики претставува нов почеток. Исто важи и за релациите со другите луѓе. Можеме да избереме да живееме во сегашниот момент. Кога живееме во сегашноста, користиме сѐ што ни е на располагање, вели Фриц Перлс.

За почеток, можеме да вежбаме да ги користиме своите сетила. Што се случува токму сега? Што гледам и слушам токму сега, во овој момент?

Идејата да го прифатиме она што е може да ни звучи нејасно и збунувачки. Во ред е да имаме отпор. Во ред е да ни е тешко и да не ни биде логично – „Како да прифатам?!“. Што можеме да загубиме кога веќе нашите досегашни напори не донеле решение? Можеме да ги загубиме само сопствените илузии.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

Шоутајм Лука  –  холивудска драма зад затворени врати

Александар Донски

Струмичанец бил патријарх на Ерусалим во 12 век

Ордан Андреевски

Зошто австралиската надворешна политика кон Македонија треба да се ресетира?

Александар Стојановски

Деновите на Зеленски изброени

Ристо Цицонков

Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос: Ништо ново!

Марјан Бојаџиев

Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР? (2)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ