четврток, 24 октомври 2024

Да можевме сами досега ќе го изградевме Чебрен, им реплицира Ковачевски на инженерите

Да можевме сами, досега ќе го изградевме Чебрен, проект со вредност од над една милијарда евра, им реплицира премиерот Димитар Ковачевски  инженери од нивното здружение кои се противат енергетскиот капацитет да го гради странска компанија со став дека се нарушува електроенергетската независност на државата.  

Објавено на

часот

Сподели

„Такви дискусии се воделе 40 години, бидејќи овој проект е стар 40 години колку што се сеќавам, а имаше и 13 неуспешни тендери коишто дури даваа и подобри услови за оној кој би ја добил можноста за градење на ревизибилната хидроцентрала, меѓутоа од различни причини не успеале претходно. Така што, доколку постоеле можности самата држава да го изгради овој проект вреден над една милијарда евра, тогаш во изминатите 40 години сигурно тоа би било направено“, изјави денеска Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека во изминатите години не видел иницијатива за овој проект од експертите кои имаат забелешки.

Тој смета дека кога странски компании инвестираат во вакви значајни проекти, бенефит ќе има државата затоа што ќе се изгради голем инвестициски проект со финансиски средства што ќе дојдат од надвор. 

„Вие знаете дека имаше една иницијатива во минатото за изградба на гасна централа во Александрополи каде што експертите велеа дека Македонија не треба да инвестира во странство. Сега, експертите велат не треба странците да инвестираат во Македонија, така што се работи за прилично тавтолошки пристапи“, рече Ковачевски.  

Прашан дали знае на што се жали грчката компанија која го доби тендерот за Чебрен, Ковачевски упати на Министрерството за животна средина и просторно планирање кое, како што рече, е задолжено за спроведување на документацијата. 

На тендерот за изградба на Чебрен беше избрана грчката компанија „ППС“. 

Здружението на инженери на Македонија бара да се замрзне потпишувањето на договорот за јавно-приватно партнерство за Чебрен сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нивните сомневања. Оттаму изразуваат сомневање дека се направени низа суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектрани на Црна Река. Со давањето под концесија на странска компанија, сметаат експертите, се загрозува енергетската независност на државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ