петок, 18 октомври 2024
Собраниска анкетна комисија за случајот Онкологија

Д-р Клисарова: Клиниката е во агонија, со ограничен буџет и сѐ повеќе пациенти

Одговорно тврдам дека во 2023 година веќе не се случува набавување лекови со надминување на условениот буџет, што беше сериозна забелешка, и не се земаат повеќе ниту лекови на реверс, изјави  д-р Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Клиниката за онкологија на претпладневното сведочење пред Анкетната комисија во Собранието. Таа кажа дека клиниката тоне во долгови, а пациенти сѐ повеќе има. Пред собраниската Анкетна комисија Клисарова уште кажа дека откако таа е директорка редовно подготвува и испаќа извештаи до Министерството за здравство. 

Објавено на

часот

Сподели

„Проблемите на нашата клиника со ваквата група на лекови кои спаѓаат под условен буџет настана кога во 2019 година, со првиот двегодишен тендер реализиран од Министерството за здравство, влегуваат во симболична количина која била недоволна ни за една година, а тендерот бил за две години. Тука е најтешкиот дел, кога вие имате исклучително мала количина на лекови и сте доведени во ситуација да правите одредени селекции на пациенти од вакви економски причини“, рече д-р Клисарова.

Клиниката е условена со одредена количина лакови и пари

Рече дека изворот на проблемите е кога е внесен условениот буџет кој се однесува на лекови кои не се на позитивната листа иако, рече, внесувањето на овие лекови за третман во нашата држава е за поздрав заради поквалитетната услуга на болните за тие да не бидат оставени само на стандардната хемотерапија.

„Проблемот е што откога постои условениот буџет, ние како клиника сме биле буквално условени со одредена количина и префрлена е тежината на клиниката, таа да успее некако да ги изменаџира тие условени количини. Тука настанува изворот на проблемот, зашто вие ќе имате поголем број на пациенти што треба да ги вклучите, а сте условени со одредена количина односно финансии. Затоа сметам дека решение на проблемот е позитивната листа на лекови и тука тежината треба да се префрли на државата, а да не се условува самата клиника. Ќе се задолжи државата и ќе треба да има лек за секого, а нема да има потреба во тој случај ни од рационалност, ни од  онколошки конзилиум дали одлучил исправно или некаде потфрлил и можеби донел не баш издржана одлука“, истакна  д-р Клисарова. 

Потврди дека Онкологија издавала терапија за пациенти да ја примат во друга институција, на пример во приватна здравствена установа заради подобри услови, но од нејзиното назначување побарала да се запре таа практика. 

На прашањето зошто д-р Никола Васев, ексдиректор на Онкологија кој е под истрага учествува во онколошкиот конзилиум, таа рече дека немаат судско извршно решение тој да биде отстранет од работните процеси, а во однос на прашањето дали и сега се случуваат злоупотреби и продажба на биолошка терапија, побара тоа прашање да и биде поставено кога ќе заврши истрагата. 

Според неа, предимензионирано во јавноста е дека на пациентите им е даван физиолошки раствор наместо терапија и дека тоа е недозволиво но сепак, рече таа, истрагата нека утврди дали било така.

Во однос на КАТО-системот, одговори дека Клиниката не е во состојба сама да ги обезбеди средствата за негово повторно ставање во функција и дека добиле ветување од Министерството за здравство дека ќе им помогне.

Пратеникот Антонијо Милошоски рече дека директор во сенка на Клиниката е д-р Снежана Смичкова која е дел од онколошкиот конзилиум и дека таа и обезбедува доминација на веледрогеријата „Пановски“  во набавката на лекови како невенчана сопруга на сопственикот на веледрогеријата. Смета дека системот не можат да го сменат ни директорите на Онкологија зашто се немоќни тоа да го променат. 

„Доколку не се воведе поголема конкуренција со квалитетни лекови и додека ние во клиниките имаме невенчани партнерки на сопственици на веледрогерии, ние ќе имаме прескапи лекови, преголем профит, директори и министри кои ќе бидат во искушение да земат или да не земат провизија и ќе имаме скандали на секои пет, шест или седум години ако бидат откриени“, рече Милошоски. 

Наспроти тврдењето на Клисарова, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека се проверуваат тврдења од свиркачи што ги добиле пред неколку дена во однос на злоупотреби на Клиниката за онкологија кои се однесуваат за годинава.

Забележа дека работата на собраниската Анкетна комисија за случајот Онкологија на површина изнела како што вели, катаклизмични и шокантни информации.

„Доколку ова што го достави свиркачот се потврди како точно и имаме намера да му отвориме на обвинителството сериозна работа, бидејќи гледаме дека истрагата во Министерството за внатрешни работи се калкулира, се препелкаат. Тогаш ние имаме намера да ја преземеме работата во свои раце и да одиме до крај“, вели Мицкоски.

Ограничен буџет, а бројот на пацинети се заголемува

На сведочењето Клисарова уште посочи дека постојано укажувала до Владата и Министерството за здравство за, како што рече, агонијата во која е доведена Клиниката за онкологија.

Рече дека по многу години ги вовела редовните стручни состаноци, кои порано ги имало, па биле прекинати, формирала онколошки конзилиум уште првиот месец од именувањето, сакала да постигне, рече, рационалност во препишувањето лекови со висока цена, по строго определени критериуми според медицина базирана на докази и ги апдејтирала онколошките протоколи.

Истакна дека најсериозен проблем со кој се соочила во управувањето со ресурси е нивната ограниченост наспроти неограничениот број на пациенти кој секој ден се зголемува. Поради зголемениот квантитет, рече, доаѓаат во ситуација да го нарушат правото на пациентите  за навремена здравствена грижа. 

Смета дека е крајно време да профункционира дисперзијата во лекување на пациенти со малигни заболувања за што, рече, нивните молби кон други клинички болници со радиотерапија во земјава не вродиле со плод.

„Клиничката болница Битола има радиотераписки апарат што не работи, има кадар и опрема, а третира мал број пациенти. И клиничките болници во Штип и Тетово имаат специјалисти радиотерапевти онколози. Градската општа болница 8 Септември има радиотераписки апарат што Онкологија го нема и за таа услуга ги испраќа пациентите  во странство“, рече Клисарова. 

Укажа дека е во пораст бројот на болни со малигни заболувања и често значаен дел се со метастатска фаза и тоа, рече, треба да биде аларм за државата да се фокусира на превенција на малигни болести. 

Апелираше до истражните органи што поскоро да заврши постапката со утврдување на злоупотреба на Клиниката и ако се утврди вина, да се именуваат виновниците и да се отфрли колективна вина. 

Онкологија тоне во долгови, никому не должи, а сите ѝ должат

Големиот долг на Клиниката за радиотерапија и онкологија почнал да се создава во 2021 година, кога изнесувал околу 394.721.263 денари, а уште позначајно се зголемил во 2022. Највисокиот износ бил 823.185.746 денари во ноември минатата годна кога сегашната в.д. медицински директор д-р Виолета Клисарова ја презела функцијата.

Во 2018 година, како што рече Клисарова, клиниката имала околу 231 илјада денари долг, во 2019 година околу 355 илјади денари, а во 2020 долгот изнесувал 94.357.707 денари.

„Најголема причина за ова прогресивно зголемување на долгот мислам дека е поради набавката на лекови кои не се на позитивната листа, надвор од тековно одобрените буџети соодветно по годините. Големиот долг наследен од претходно дополнително ја усложнува состојбата на Клиниката и ја става во повеќе судски спорови, дополнителни трошоци за камати и за дел од нив веќе имаме правосилни судски пресуди“, рече Клисарова на сведочењето на седница на собраниската Анкетна комисија.

Намалувањето на долгот почнало лани во декември со одобрени средства од ФЗОМ за исплата на долгови, во тенденција е на опаѓање и во јули годинава бил речиси преполовен односно 474.675.492 денари.

За 2023 година, рече, имаат повисок буџет и се внимава на месечните нарачки на лекови да бидат во рамки на одобрени 12-тинки т.е. месечнини, иако има и отстапувања поради нарачки. Постојано, рече, се во координација со ФЗОМ и прават постојан притисок за дополнителни средства.

Ја објасни и процедурата за набавка на лековите која треба да биде во рамки на ограничениот буџет, балансирајќи притоа и за доброто на пациентите и, како што рече, да бидат чисти пред законот. 

„Секој менаџер предвидува дополнителни 10 до 15 отсто зголемување од реалната потреба зашто од година во година имаме зголемување од 10 до 15 проценти на нови пациенти. Исто така, и уште барем пет проценти да бидат зголемени количините за сите непредвидливи ситуации што можат да се случат од различни причини“ причини, рече Клисарова. 

Смета дека надлежните институции треба да го реформираат финансирањето на здравствениот систем.

„Во овој момент Клиниката има 1.907.170.009 денари. Со ваков буџет менаџирањето е полесно од претходните години, но иако цифрите се големи и зголемувањето е значајно, за жал и овој одобрен буџет не ја покрива реалната потреба на клиниката“, рече д-р Виолета Клисарова, в.д. медицинска директорка на Клиниката за онкологија. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ