Мутации кај вирусот се случуваат кога циркулира меѓу големи популации на животни (во случајов птици), со што може да ја зголеми патогеноста. Но, една угината птица од која е изолиран вирусот не мора да значи дека цела зоолошка градина и цел парк се со заразени птици, вели Даниловски.
„Мерките што Агенцијата за храна и ветеринарство ги презеде (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца. Тоа е за поздравување.
Кој е под ризик да се зарази? Практично, исклучиво птиците. Ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.
Нема овде многу работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центарот за јавно здравје, освен здравствен надзор над граѓаните што ја посетиле Зоолошката градина и вработените. Сепак, за нивно заразување ризиците се минимални.
Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.
Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо.
Преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.
Периодот на инкубација се движи просечно од 2 до 5 дена, па и до 17 дена.
Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).
Стапката на смртност од инфекција со A(H5N1) кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен.
Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали. Бидете си спокојни“, вели д-р Даниловски.