Пријавата до Основното јавно обвинителство Кочани ја поднела Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Кочани против поранешниот директор на КЈП „Водовод“ – Кочани А.К., вработените З.Г. и Б.А., како и поранешниот вработен З.Ј.. Тие се сомничат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување извршено во соизвршителство.
Според пријавата, второпријавениот како претседател, а трето и четвртопријавениот како членови на комисијата за јавна набавка, во 2021 година спровеле постапка спротивно на Законот за јавни набавки. Во тендерската документација биле внесени спецификации за производи кои, според наводите, не постоеле на пазарот, со што била ограничена конкуренцијата и бил фаворизиран економски оператор од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако имал обврска да ја утврди законитоста на постапката, донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор во име на КЈП „Водовод“ – Кочани, со што, како што се наведува, бил овозможен противправниот имотен бенефит.






