среда, 18 септември 2024

ЦУК апелира на редовно чистење на локалните одводни канали

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и денеска апелираат за поголема внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд на места и со засилен ветер, за редовно чистење на локалните одводни канали, а и да не се фрлаат отпадоци во нив. Во соопштението испратено до јавноста, оттаму уште информираат дека во последното деноноќие биле пријавени три пожари на отворено во урбани средини и населени места како и за свлечиште помеѓу селата Согле и Богомила во Општина Чашка.

Објавено на

часот

Сподели

Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Струмица известува дека пожарот кој избувнал вчера во 14:53 часот помеѓу селата Белотино и Рич е локализиран.

„Нема константно горење, туку се појавува горење на сува лисната маса, борови иглички и падната лисната маса што е со дебелина од 20 до 30 сантиметри. Направен е безбедносен противпожарен појас околу пожарот за да не се шири. Во интервенцијата учествуваа ТППЕ Струмица со три пожарникари и едно возило и три вработени во Национални шуми, подружница Беласица. Денеска, од утрово, повторно е извршена контрола на пожарот за, ако има одредени точки што се уште чадат, да се догаснува“, информираа од РЦУК Струмица.

Регионалниот ЦУК Штип, известува дека пожарникарите од ТППЕ Кочани, вчера, во период од 8:54 до 9:30 часот, со два пожарникара и едно противпожарно возило интервенирале на запалена депонија и кабли на депонијата кај месноста Полачки пат, во Општина Кочани.

РЦУК Тетово пак, информираше дека пожарникарите од ТППЕ Тетово од 15:55 до 16:25 часот, со три пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалено ѓубриште помеѓу селата Желино и Сирично.

Освен пожари во изминатото деноноќие регионалниот ЦУК Велес информираше за  добиена пријава за свлечиште на патот помеѓу селата Согле и Богомила во Општина Чашка.

„Според пријавителот истото претставува опасност за коловозот и железничката пруга. Интервенирале екипи на Македонија пат, подрачно одделение од Велес и на Македонски железници“, соопштија од РЦУК Велес.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и денеска апелираат за поголема внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд на места и со засилен ветер, за редовно чистење на локалните одводни канали, а и да не се фрлаат отпадоци во нив.

Оттаму велат дека во последните неколку месеци, свесноста на граѓаните за реално пријавување на проблеми е зголемена и потсетуваат дека Единствен повикувачки број за итни случаи во ЦУК е 112.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ