среда, 5 февруари 2025

ЦИА испраќа понуди за „испратнина“ до сите вработени

Централната разузнавачка агенција во вторникот стана првата голема агенција за национална безбедност што им понуди таканаречени испратнини на сите свои вработени, рече портпаролот на ЦИА и два други извори запознаени со понудата, што е дел од походот на претседателот Доналд Трамп да ја намали федералната влада и да ја обликува според својата агенда, пренесе Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во понудата до федералните вработени се вели дека можат да ги напуштат своите работни места и да добијат приближно осум месеци плата и бенефиции.

Портпаролот на ЦИА изјави дека мерките се дел од стратегијата на нејзиниот нов директор Џон Ретклиф, објави Волстрит џурнал. Портпаролот рече дека овој потег е дел од напорите на Ретклиф да „осигури дека работната сила на ЦИА одговара на националните безбедносни приоритети на владата“, додавајќи дека тоа е „дел од сеопфатната стратегија да се вбризга нова енергија во Агенцијата“.

Сепак, иако понудата била испратена до целата работна сила во агенцијата, сѐ уште не се знае дали на сите ќе им биде дозволено да ја прифатат.

Агенцијата не објави податоци за буџетот или бројот на вработените и не одговори на барањето за коментар.

Пакетот за испратнини е дел од широката реформа на американската влада, спроведена од администрацијата на Трамп, која досега отпушти стотици државни службеници во обид да ја намали бирократијата и на клучните позиции да постави лојалисти, посочува Ројтерс.

Минатата недела Белата куќа понуди можност за земање платено отсуство до 30 септември за два милиони федерални вработени со полно работно време.

Во меѓувреме, синдикатите што ги застапуваат државните службеници поднесоа тужба во обид да го блокираат планот.

Ретклиф, поранешен член на Претставничкиот дом и поранешен директор на националното разузнавање за време на првиот мандат на Трамп, беше потврден за директор на ЦИА од Сенатот само неколку дена откако Трамп го започна вториот мандат.

Чистка во ЦИА

Трамп и неговите сојузници повеќе пати тврдеа дека разузнавачите во ЦИА биле дел од „длабоката држава“ решена да го поткопа, а некои критичари ја опишаа новата програма за оставка како чистка.

Функционерите на Трамп го негираа тоа, но веруваат дека ЦИА во последниве години станала претерано насочена кон анализа, на сметка на тајното собирање разузнавачки информации и извршувањето тајни операции – функции на нејзиниот многу помал Директорат за операции.

Ретклиф за време на сослушувањето за потврда вети дека ќе реинвестира во двете институции.

„До храбрите офицери на ЦИА што слушаат низ целиот свет, ако сето ова звучи како она за што сте се пријавиле, тогаш приклучете се и подгответе се да ги смените нештата“, рече тој во својата воведна изјава. „Ако не, тогаш е време да најдете нов тип работа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ