петок, 18 октомври 2024
Економист

Човекот што треба да го запре Доналд Трамп е непопуларен 81-годишен старец

Американската политика е парализирана од контрадикторност огромна како Големиот Кањон. Демократите се бесни дека реизборот на Доналд Трамп би значел пропаст за демократијата на нивната земја. А сепак, при одлучувањето кој да се кандидира против него на ноемвриските избори, се чини дека партијата кротко ќе ја прифати кандидатурата на 81-годишникот со најлошиот рејтинг што кој било модерен претседател го имал во оваа фаза. Како дојде до тоа?, прашува Економист.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Стапката на поддршка за Џо Бајден е 34 отсто, додека според анкетите Трамп води во клучните држави и е на чекор од втора претседателска победа. Дури и ако не го гледате Трамп како потенцијален диктатор, тоа е вознемирувачка перспектива. Значителен дел од демократите би сакале Бајден да не се кандидира.

Меѓутоа, наместо да го предизвикаат или да се вклучат за да ја поддржат неговата кампања, тие со хаосот во кој се наоѓаат се справуваат со апатично мрморење.

Не е тајна зошто Бајден е толку непопуларен. Ова делумно се должи на долгорочната инфлација што му се припишува. Потоа, тука е неговата возраст. Повеќето Американци познаваат понекој 80-годишник што почнува да покажува знаци на стареење. Знаат и дека колку и да е добар тој човек, не треба да добие четиригодишен мандат со најтешката работа во светот.

Во текот на 2023 година, Бајден можеше – и требаше – да одлучи да биде претседател со еден мандат. Ќе беше обожаван како пример за јавна служба и еден вид критика на безграничното его на Трамп.

Демократските лидери го знаат тоа. Всушност, пред нивната партија да помине подобро од очекуваното на меѓуизборите, многу нејзини членови мислеа дека Бајден навистина ќе се пензионира. Пред повеќе од една година, вели Економист, ние бевме меѓу првите што тврдеа дека претседателот не треба да оди на реизбор.

За жал, Бајден и неговата партија одлучија да влезат во уште една кампања од неколку причини, ниту една од нив добра. Неговото чувство за должност е извалкано со суета. Откако првпат се кандидираше за претседател во 1987 година и работеше толку долго за да седне на работната маса во Овалната соба, тој беше заблуден дека ѝ треба на земјата бидејќи се докажал како некој што може да го победи Трамп.

На сличен начин, желбата на неговите луѓе да служат мора да е извалкана од амбиции. Карактерот на администрацијата е што многу од најблиските советници на претседателот никогаш повеќе не се доближуваат толку до власта. Се разбира дека тие не сакаат нивниот човек да ја предаде Белата куќа за да се фокусира на својата претседателска библиотека.

Демократските лидери се однесуваат кукавички и препотентно. Како и многу плашливи републиканци во Конгресот, кои не го сакаа Трамп и го сметаа за опасен – но не собраа сила да гласаат за отповикување или дури и да го критикуваат – истакнатите демократи не беа подготвени да реагираат во согласност со својата загриженост за непромисленоста на Бајден. Ако причината за ова е закана за нивните кариери, нивното однесување е кукавичко. Ако мислат дека Трамп самиот себеси си е најголемиот непријател, тогаш тоа е арогантно. Популарноста на Бајден продолжува да паѓа, додека Трамп само стана посилен по 91-то кривично обвинение со кои се соочи досега.

Имајќи го тоа на ум, би помислиле дека би било најдобро Бајден да се повлече. На крајот на краиштата, има уште десет месеци до изборите, а Демократската партија има таленти. За жал, не само што е многу неверојатно, туку ако погледнете внимателно, наоѓањето алтернатива за Бајден во оваа фаза би било очајнички и неразумен ризик.

Ако тој се повлече денес, Демократската партија ќе мора забрзано да ги преправа своите партиски избори, бидејќи роковите за номинација во многу држави поминаа, а единствените други кандидати се малку познатиот конгресмен Дин Филипс и извесна Маријан Вилијамсон, гуру за самопомош.

Под претпоставка дека ова е можно, како и дека може да се излезе на крај со купот тужби што ќе следуваат, државните пратеници ќе треба да одобрат нови датуми за партиските избори поблиску до конвенцијата во август. Ќе треба да се организираат низа дебати за гласачите на партиските избори да знаат за кого гласаат. Бројот на кандидатите може да биде голем, а нема начин брзо да се намали: 29 кандидати се пријавија за предизборите на Демократската партија во 2020 година.

Можеби хаосот и би вредел кога партијата би била сигурна дека ќе оди на избори со некој млад кандидат што има потенцијал да биде избран. Сепак, се чини подеднакво можно дека евентуалниот победник би бил неизбирлив – да кажеме Берни Сандерс, самопрогласен демократски социјалист, кој е една година постар од Бајден. Камала Харис, потпретседателката, е поверојатно да ја добие номинацијата. Харис има предност затоа што не е стара, иако фактот што во ноември ќе наполни 60 години и ја сметаат за млада доволно зборува за геронтократијата во Демократската партија.

За жал, се покажа дека таа е лош комуникатор, што е маана и за нејзините должности на функцијата и за изборната кампања. Харис е производ на калифорниската политичка машина и никогаш не можела да допре до гласачите надвор од таа држава. Нејзината кампања во 2020 година беше ужасна.

Понекогаш се чини дека нејзиниот телесуфлер (апарат од кој пред камера говорникот го чита текстот, н.з.) е хакиран од некој сатиричар. Имиграцијата и јужната граница – за кои таа е надлежна во администрацијата на Бајден – се најсилната точка на Трамп, а најслабата на демократот. Шансите Харис да го победи Трамп изгледаат уште помали од оние на нејзиниот шеф.

Затоа, демократите е подобро да се фокусираат на изборот на Бајден. Економијата полека закрепнува, платите и вработеноста растат. Доколку Трамп биде осуден, гласачите можеби ќе го казнат. Најважно е да се заживее кампањата. Демократите треба да внесат ентузијазам и да создадат чувство дека вториот мандат носи нови можности.

Претседателот не е добар во водење кампањи, а се соочува со кандидат чии митинзи се мешавина од култ и водвил. Му треба некој што може да зборува пред толпата и да се појавува на телевизија наместо него. Тоа не е Камала Харис.

Таа може да ѝ служи на својата партија и на својата земја и да помогне Трамп да не влезе во Белата куќа само ако се откаже од вториот мандат како потпретседател. Бајден би можел да го претстави вториот мандат како поинаков вид претседател, во кој ќе сподели повеќе одговорности со потпретседателот дејствувајќи како извршен директор.

Во секој случај, на Бајден му е потребна помош од армија ентузијастички демократи подготвени да му се придружат во кампањата. Во моментов тој и неговата партија месечарат кон катастрофа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ