„Утрово имаше новина воведена од страна на ‘Мој термин’. На секој пациент како ќе влезе, мораше да им ги ажурираме телефонските броеви, да им пуштаме порака, па да се добие верификационен код, па да се внесе тој код. Имаше реакција од колеги, кои го изразија нивниот револт заради оваа промена“, појасни Чолакова Дервишова за МИА.
Појасни дека во координација со матичните лекари било одлучено денеска во знак на револт, еден час да не се примаат пациенти, а лекарите да бидат на работните места и јасно да предочат дека за нив е неприфатлива оваа новина да биде задолжителна од 3 март.
„Трети март е понеделник, ден кога голем број лица ќе дојдат и ќе направат притисок. Дали да прегледуваме луѓе на кои им е лошо, со грип, да се занимаваме со прегледи или да бидеме телефонски оператори? Потребно е нашето време да им го посветиме на пациентите, а не на нивните мобилни телефони“, нагласи Чолакова Дервишова.
Вели дека има и пациенти кои немаат телефон, пациенти кои не знаат да прочитаат смс пораки, а меѓу пациентите има и деца.
„Нашето барање е ние да не се занимаваме со верификација на телефони. Да се најде некое друго решение за оваа административна работа, а ние да си ја работиме работата. Ние сме доктори, а не телефонски оператори. Не може некој без да нѐ праша, да нѐ консултира, да воведува ваква новост“, децидна е Чолакова Дервишова.
Од Министерството за здравство пак, денеска информираа дека во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот „Мој термин“ е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Оваа мерка, како што посочуваат оттаму, има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што, како што велат, ќе се намалат пропуштените прегледи и ќе се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.
Во моментов, посочуваат од Министерството, процесот не е задолжителен, но, во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар.
Сепак, како што се наведува, системот предвидува исклучоци во одредени случаи – кога станува збор за итни медицински случаи кога внесувањето во системот ќе биде без верификација, а децата и изнемоштените лица ќе може да бидат верификувани преку друго лице – еден телефонски број за повеќе пациенти.
Корисниците на мобилната апликација „Мое здравје“ можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
„Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи што покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50 проценти од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини што можеле да бидат искористени за други пациенти“, појаснуваат од Министерството за здравство.