среда, 26 февруари 2025

Член на Десна сведочеше дека Палевски бил стручњак за електронска комуникација

Со изведување докази од страна на одбраната во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за кое се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Денеска беа изведени материјални докази од одбраната на Ѓорчевски, а беше сослушан и сведок по предлог на одбраната на Палевски.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Одбраната на обвинетиот Боре Видевски во почетокот на денешното рочиште предложи изведување доказ за тортура при приведувањето на Видевски, но предлогот не беше прифатен.

Адвокатот на Видевски, Бојан Манев, за снимката што беше презентирана на претходните рочишта, а за која обвинителството тврди дека е направена во домот на Велибор Манев ноќта пред да биде убиен Панче Жежовски, вели дека не била направена тој ден. Тврди дека тоа е снимка од празникот Св. Аранѓел, кога обвинетите биле собрани на слава кај Манев.

„Тие снимки не се од тој ден. Вечерта пред убиството е Св. Аранѓел и тие се на слава собрани кај Манев. Тоа ќе го видите и од исказите на обвинетите. Не верувам дека некој што планира убиство сам би се снимал“, тврди адвокатот од одбраната Манев.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски, продолжи со изведување материјални докази со кои тврди дека станот од каде што беше грабната Вања, како и другиот стан, во кој живее, им биле дадени како подарок на неговите ќерки, со што мотивот на обвинителството дека убиството се случило поради користољубие „не држи вода“. Меѓу доказите беа прочитани решенија за данок на имот на име на неговите ќерки, барање за доставување информации од Хелсиншкиот комитет за човекови права од 10 мај 2024 година, лекарски извештај од Аџибадем Систина од 16 мај 2024 година, новинарски извештаи од Канал 5 од 27 ноември 2023 и од Телма од 23 ноември 2023, како и изјава на мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска, за ММС, во врска со тоа кој прв ја известил јавноста дека девојчето е киднапирано. Беше прочитан и договор за дар на недвижност на малолетните деца од 10 април 2023 година, заверен во Град Скопје.

Јавниот обвинител во однос на предложените документи како доказ за платен данок на имот изјави дека тие не се доказ дека двете ќерки на Ѓорчевски, Вања и Миња се стекнале со двата стана кои биле препишани на нивно име и заведени во Агенцијата за катастар на недвижности.

„Ова не значи дека предметниот стан е заведен во имотниот лист сопственост на Миња, ниту пак станот на булевар Партизански одреди на име на Вања“, рече обвинителката.

Во однос на новинарските извештаи, според неа, новинарот пренесува информации како што тој го гледа настанот.

Одбраната изјави дека го искористила правото за дел од сведоците што претходно беа предложени за испитување и дека останува да се испита само таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

Во продолжението од денешното рочиште на предлог на одбраната на Палевски, беше сослушан сведокот Зоран Петковски, член на комисијата за безбедност во политичката партија Десна. Претходно, судот наложи на одбраната на Палевски да достави единствена листа на докази.

Сведокот Петковски сведочеше за комуникацијата со Љупчо Палевски на 27 ноември 2023 година.

„Комуникацијата со Љупчо Палевски беше во раните утрински часови меѓу 8:20 и 9 часот на таен канал за електронска комуникација преку Телеграм, креиран од Љупчо Палевски“, изјави Петковски.

Тој додаде дека разговарале на тема ирански дронови и нивната набавка од Србија, односно трансфер преку Србија од Иран.

Петковски, исто така, сведочеше за состанокот со началникот за насилен криминал Дејан Димовски и в.д. претседателот на Десна, Тони Алексовски, на 5 февруари 2024 година.

„Во телефонски разговор помеѓу началникот за насилен криминал Дејан Димовски и Тони Алексовски, в.д. претседател на политичка партија Десна, бев повикан да се јавам на 5 февруари 2024 година, а во врска со затворањето на просториите во коишто се наоѓаше партијата. Вклучив уред диктафон на којшто го снимив целиот разговор. Разговорот течеше коректно и пријателски, се одвиваше во работната просторија на началникот Драган Зарински, на кој, покрај него, присуствуваше и началникот Дејан Димевски и уште еден инспектор, за кој не знам податоци бидејќи не се легимитираше“, рече тој.

Дополни дека откако се запознале, разговорот траел час и 15 минути и во него им биле изнесени информации поврзани со убиствата од 22 и 27 ноември 2023 година во Велес и Скопје.

„Откако виде дека се работи за поранешни припадници на борбените сили, Тони е професор на Михајло Апостоловски академија, јас бев во центарот за обука на МВР, разговорот премина во пријателска атмосфера. Ни беа изнесувани и моменти и информации поврзани со кривичноправните настани од 22 и 27 ноември 2023 година во Велес и Скопје. Некаде по 50. минута од разговорот, 54. минута од снимениот разговор, ми се обрати инспекторот Драган Зарински лично мене, јас седев во неговата канцеларија до самиот влез од негова лева страна на бирото, до мене од мојата лева страна седеше началникот Дејан Димевски, пред мене Тони Алексовски, а во крајниот агол до прозорецот инспекторот за кој немам податоци. Драган Зарински ме праша кратко и јасно, ‘го познаваш ли Боре?’ (Видевски, н.з.), на што му одговорив потврдно да, го знам и го познавам. Веднаш потоа, ми покажа со десна рака, десно од неговиот работен стол, дупка во ѕидот и ми кажа ‘ете тоа е од Боре, толку и ова не смеам да ти го кажувам, меѓутоа користевме стари методи за добивање признание’. Не ми е чудно затоа што и самиот потекнувам од таква структура, меѓутоа сметам дека е битно, ако признанието на Боре е изнудено со сила, односно со тепање, мислам дека судот треба да го земе тоа предвид“, рече сведокот.

Во своето сведочење, Петковски дополни дека додека инспекторот Зарински му кажувал како го тепал Видевски, обвинетиот Влатко Кешишов седел пред вратата и го слушал разговорот. Подоцна, кога Кешишов влегол во просторијата каде што се одвивал распитот, на сведокот Петковски, му кажал дека обвинетите Боре Видевски и Велибор Манев му го донеле Панче Жежовски во гепек по што Кешишев го презел убиениот велешанец.

И адвокатот на Боре Видевски, Бојан Манев, тврдеше дека неговиот клиент, обвинетиот Боре Видевски бил тепан за што поднеле медицинска документација и докази за тортурата врз него. Според тврдењето на адвокатот, станува збор за голем број на повреди, а како последица на тоа сега обвинетиот Видевски има проблеми со левиот бубрег.

На прашањето од јавната обвинителка дали сведокот Петковски ја чува комуникацијата со Палевски, тој одговори негативно, поради тоа што, како што рече, „каналот беше направен од Палевски и по половина час се брише“.

Сведокот одговори потврдно на прашање на судот дали Палчо знае да работи со уреди.

„Јас сум дипломиран ИТ стручњак, специјалист за хидроакустика од ЈНА, електротехничар и сметам дека она што го видов кај него, дека добро владее со ИТ секторот, тоа значи дека добро ги владее уредите и средствата за електронска комуникација“, рече тој.

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ситроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Процесот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е судијката Жаклина Трајковска, судењето продолжува на 5 март.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ