„Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.
Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија.
Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува.
Да ве потсетам: нашите предци се сплотија и заедно го постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава.
Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество.
Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание“, се вели во честитката на претседателката на Македонија.
Гордана Сиљановска Давкова