Најскапо платена, годинава, е хрватската естрадна пејачка Северина, за која Општина Крива Паланка издвоила 25 илјади евра. Сепак, според истражувањето, годинава најмногу вкупно пари добила нејзината сонародничка Јелена Розга – 42 илјади евра, за два настапи, во Берово и во Штип.
„Лани најскапо бил платен српскиот пејач Саша Ковачевиќ, кој од Општина Штип добил скоро 26 илјади евра. Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес. Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки. Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци“, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Во 2023 година, најмногу пари потрошила Струмица, речиси 190 илјади евра. Следно е Кавадарци со 156 илјади, а Скопје потрошил нешто повеќе од 110 илјади евра. Штип е четврти со скоро 86 илјади евра. Велес и Кисела Вода потрошиле по околу 48 илјади евра, а Куманово 45 илјади. По 30 илјади евра потрошиле Берово и Битола.
„Состојбата е слична и во 2024 година, за која недостигаат сите податоци и ќе бидат достапни дури откако годината ќе заврши. Иако податоците се до октомври 2024 година, сепак извесно е дека најмногу пари ќе потроши Кавадарци, единствено преку 200 илјади евра. Струмица годинава е на второто место, со потрошени 124 илјади евра. Кисела Вода ‘засилила’ на трошењето со скоро 65 илјади евра, а буџетското ќесе го ‘одврзала’ и Крива Паланка, која потрошила 55 илјади евра“, посочуваат од ЦГК.
Извор: Центар за граѓански комуникации
Некои општини кријат колку пари ги чинат организираните забави
Кога станува збор за поединечните манифестации или изведувачи, не сите општини кажуваат колку пари, поединечно, ги чини некоја манифестација, или изведувач, велат од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Некои општини ги кажуваат трошоците за сите манифестации заедно, или пак, за сите изведувачи заедно затоа што „најмуваат“ фирма на којашто ѝ ги префрлаат сита пари, а таа потоа ги организира манифестациите и ги плаќа изведувачите. Таков е примерот со Општина Кавадарци која троши најголема вкупна сума за забавни манифестации, но не објавува колку пари поединечно ја чини секоја од четирите манифестации, колку што ги организира годишно или, пак, колку пари исплатила на некој поединечен изведувач.
„Од оние општини кои ги обелоденуваат поединечните трошоци, произлегува дека најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал „Гет ексајтет“ кој чини повеќе од 138 илјади евра. Потоа е штипската „Пастрмајлијада“ со речиси 60 илјади евра. Кисела Вода платила за двете манифестации заедно – „Културно лето“ и одбележувањето на роденденот на општината – околу 48 илјади евра. Следен е повторно еден струмички фестивал „Струмица опен“, а потоа велешкиот фестивал посветен на нивната пита“, велат од ЦГК.
Во 2024 година (до октомври), повторно најскапи се кавадаречките манифестации, повеќе од 200 илјади евра. Следна најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал „Get EXITed“ кој чини повеќе од 65 илјади евра. Кисела Вода плаќа за двете манифестации заедно – „Културно лето“ и одбележувањето на роденденот на општината – повеќе од 64 илјади евра. Следен е повторно струмички фестивал „Струмица опен“, а потоа ревијалната вечер на валандовскиот „Фолк фест“.
Oпштините не се транспарентни во постапките за ангажирање на пејачите
Општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно се наоѓаат начини да не се спроведат целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентите постапки, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Набавките на таканаречени посебни услуги, во кои спаѓаат ваквите манифестации, се исклучени од Законот за јавни набавки доколку нивната вредност е до 10.000 евра. Овде спаѓаат услугите за организирање културни настани, фестивали, забави, саеми и панаѓури. За нив единствено се објавува таканаречено поедноставено известување за склучен договор. Доколку вредноста на овие услуги е поголема од 10.000 евра, може да се примени постапка со преговарање без објавување оглас, да се објави оглас за јавна набавка или, пак, да се објави претходно информативно известување во кое ќе се наведе дека договорите ќе се доделуваат без натамошно објавување, но со покана за заинтересираните фирми да го изразат својот интерес.
„Сепак, има општини коишто на ваков начин избираат само фирма којашто ќе ја спроведе манифестацијата или, пак, цела годишна програма во која што се опфатени неколку манифестации. Потоа, и плаќањето оди целосно преку таа фирма, без да се знае колку поединечно чини некоја манифестација или поединечен изведувач. Некои општини, пак, делегираат надлежност на фирми, најчесто маркетинг агенции, за организирање на ваквите настани. И во овие случаи не се обелоденуваат информации за поединечното чинење на секоја манифестација, ниту за исплатените суми на поединечните изведувачи“, велат од ЦГК.
Домашните изведувачи со значително поскромни хонорари
Кога станува збор за домашните изведувачи, тие добиваат значително пониски хонорари отколку нивните колеги од другите држави од поранешната југословенска заедница. Најплатена домашна изведувачка годинава е Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата „Неготинска вечер“ добила 13.008 евра. Втора на листата „најплатени домашни изведувачи“ во 2024 година е поп-ѕвездата Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива паланка – Град на културата добила 11.110 евра. Трет на оваа листа е Кирил Џајковски кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество наманифестацијата Ревијална вечер на Фолк-фест.
Другите домашни изведувачи добиваат многу поскромни хонорари.
„Од податоците на општините коишто не кажуваат колку пари ги исплатиле поединечните настапувачи, туку само вкупната сума што ја исплатиле на фирмата организатор, произлегува дека најмногу пари добиле неколку домашни фирми. Прва годинава е Иноватива груп, која за организација на четирите забавни манифестации во текот на годината, од Општина Кавадарци добила 202.098 евра. Втора е Спектаклум ДООЕЛ која за организација на забавни манифестации во две општини, Кисела Вода и Вевчани, годинава добила 84.715 евра. Следна е Скендеровски продукција која за организација на 4 манифестации во Битола, Гевгелија, Крива Паланка и Свети Николе добила од соодветните општини вкупно 35.203 евра“, се наведува во истражувањето на ЦГК.
Оттаму велат дека забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување некои празници (Нова Година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и слично) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, додаваат од ЦГК, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.
Истражувањето е направено според податоците добиени од општините врз основа на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.
И.О.