Бугарската влада ја почна изградбата на блокот 7 во нуклеарната централа Козлодуј, користејќи ја американската технологија која е единствена во Европа, и со почетна инвестиција од 250 милиони евра, кажа премиерот Николај Денков.
Во светот во моментов постојат само две нуклеарни централи кои ја користат технологијата АП1000 – едната е во Кина, а другата во Соединетите Американски Држави, додека Украина исто така изрази интерес.
„Државната компанија одговорна за проектот ќе има на располагање 250 милиони евра. Таа ќе почне преговори со компаниите кои треба да го изградат седмиот блок на централата. Рокот за завршување на проектот е 2033 година“, кажа Денков.
Извори за Еуроактив соопштиле дека овој рок за централата од 1.150 мегавати е премногу оптимистичен и дека таа веројатно ќе биде завршена до 2035 година.
Во моментов нуклеарната централа во градот Козлодуј на Дунав има два советски реактори, кои во иднина ќе користат американско и француско нуклеарно гориво.
Истовремено, бугарската влада ќе почне подготовки за изградба на 8 блок во Козлодуј, по истата технологија АП1000. Според планот, работата на изградбата на двата нови блока треба да се одвива паралелно, а вториот би требало да биде завршен во рок од две до три години по првиот.
Денков одлуката на владата ја дефинираше како една од најважните која неговата влада ќе ја донесе во својот мандат.
Бугарскиот претседател Румен Радев ја критикуваше владата за одлуката за нуклеарните реактори. „Како што гледаме Козлодуј ќе се гради како бугарските автопати – во мрак“, кажа Радев.