„Премиерот Кир Стармер е решен да одржува високи стандарди на однесување во јавниот сервис и да води влада која му служи на работниот народ. Нема да се двоуми да преземе мерки против секој министер кој нема да ги исполни тие стандарди, како што направи во овој случај“, рече владин портпарол.
Според објавата, 50-годишниот министер за здравство и пратеник од Лабуристичката партија, кој неодамна беше реизбран во парламентот за окрузите Гортон и Дејтон во Манчестер, одговорил многу грубо на барање на пензионерка. Според Гардијан, 72-годишна жена побарала од пратеникот „да го реши проблемот со собирање на отпадот“. Нејзината порака набрзо била споделена во Ватсап група.
„Почитувана жителке, по ѓаволите со твоите канти за отпадоци. Јас бев реизбран без твојот глас. Оди во пеколот. П.С. Се надевам дека ќе бидеш мртва до следните општи избори“, одговорил Гвин на нејзиното барање.
Министерот, исто така, беше „потсетен“ дека на човек му кажал дека неговото име звучи „премногу еврејско“ и „премногу милитаристичко“, а потоа го прашал дали е член на Мосад, израелската национална разузнавачка служба. Гвин исто така, како што пренесува Гардијан, направил непристојни коментари за пратеничката на Лабуристичката партија Дајан Абот, првата црна жена избрана во британскиот парламент.
„Длабоко жалам за моите несоодветни коментари и му се извинувам на секој што можеби сум го навредил. Целосно ги разбирам одлуките донесени од премиерот и партијата, иако искрено ми е жал што сум отстранет. Ќе ги поддржам на секој можен начин“, рече Гвин.
Лабуристичката партија објави дека го суспендирала Гвин од членство и дека спроведува внатрешна истрага против него. Неговите коментари на Ватсап се разгледуваат од експерти, а доколку се утврди дека ги прекршил „високите стандарди“ на партијата, ќе бидат преземени соодветни мерки.