среда, 12 март 2025

Божиновска: Во Чешка имаме стабилен партнер за поддршка на македонскиот енергетски сектор

Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска во Прага одржала работен состанок со директорот на економскиот сектор при чешкото министерство за индустрија и трговија, Едуард Мурицки и со директорот за нови енергетски технологии, Јан Прашил. Разговорите биле фокусирани на конкретни инвестиции во македонскиот енергетски сектор, модернизација на капацитетите на АД ЕСМ и можностите за финансирање на капитални проекти од страна на чешката влада.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска истакнала дека македонската влада е посветена на стратешко партнерство со Чешка и на реализација на проекти што ќе ја забрзаат транзицијата кон одржлива енергетика.

„Во Чешка имаме стабилен партнер кој не само што има интерес, туку и конкретна подготвеност да поддржи инвестиции во македонскиот енергетски сектор. Разговаравме за директни вложувања, како и за можности за поволно финансирање на големи инфраструктурни проекти со чешки компании. Модернизацијата на капацитетите на АД ЕСМ е еден од приоритетите, а токму во овој сегмент чешките компании имаат сериозен капацитет и експертиза“, изјавила Божиновска.

Од чешка страна била истакната подготвеноста за долгорочна поддршка, не само преку инвестиции, туку и преку финансиски инструменти што ќе обезбедат поволни услови за реализација на проектите. Директорот на економскиот сектор при чешкото министерство за индустрија и трговија, Едуард Мурицки, потенцирал дека Чешка гледа конкретни можности за стратешка соработка.

„Чешката влада е подготвена да поддржи македонски енергетски проекти преку инвестиции и поволни финансиски механизми. Особено сме заинтересирани за соработка во делот на модернизацијата на енергетските капацитети и имплементацијата на нови технологии кои ќе придонесат за стабилност и одржливост“, изјавил Мурицки.

Директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Стојановски, нагласил дека новиот инвестициски циклус во обновливи извори е клучен за забрзување на зелената енергетска трансформација.

„За нас е исклучително важно да обезбедиме соработка со искусни партнери како Чешка, кои можат да помогнат во имплементацијата на одржливи технологии и да овозможат стабилни финансиски услови за нашите инвестиции“, рекол Стојановски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ