среда, 5 февруари 2025

Божиновска од Атина: Македонија е енергетски крстопат на регионот, работиме на проекти со соседните земји

Mинистерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска naо нејзиното учество на 14-от Енергетски самит во Атина (Athens Energy Summit), упати порака дека иако сме мала држава, сепак сме важен крстопат и треба да бидеме поврзани со сите соседи за да се обезбеди енергетска стабилност.

Објавено на

часот

Сподели

За Божиновска ова беше прво учество на настан во Грција, а на маргините на конференцијата оствари одвоени средби со нејзиниот грчки колега, министерот за животна средина и енергетика Теодорос Скилакакас, како и со министерот за енергетика, трговија и индустрија на Република Кипар, Јоргос Папанастасиу, од кои добила покани за нови билатерални средби во иднина.

Главната тема за која разговарале Божиновска и Скилакакис бил интерконекторот за природен гас што треба да ги поврзе двете земји, а министерката вели дека во секој момент се чека потврда од Европската инвестициона банка за да се потпише договор со операторот и да започне изградбата.

„Кај нас беше поништена постапката и имавме нова постапка, а многу важно за нас, како држава е што цената е за 12 милиони поевтина од минатиот пат. Што се однесува до Номагас, компанијата ги изврши сите проверки, а и ние од наша страна сè завршивме. Испратено е до Европската инвестициона банка и секој ден се очекува, деновиве, или за една недела максимум,  потврда и да започнеме со потпишување на договорот за фирмата која е најуспешен економски оператор. Секако и да почнеме со изградба, зашто се чека на нас“, објасни министерката.

Таа додаде дека со нејзиниот грчки колега разговарале и за спојување на пазарите со електрична енергија.

„Тоа нам ни е приоритет, да се поврземе со нивната берза на електрична енергија, бидејќи тоа значи поврзување со земја-членка на ЕУ. Тоа за нас е многу важно и секако има многу грчки инвестиции во енергиката, така што разменивме искуства“, посочи Божиновска.

Министерката најави дека на крајот на април веројатно ќе учествува на уште еден форум во Грција, а Скилакакис ја поканил, доколку дојде во Грција, да остварат нова билатерална средба.

Наспроти соработката со Грција што веќе постои, со Република Кипар, по денешната средба на министрите за енергетика, како што откри Божиновска, се отвора можност Никозија да му помогне на Скопје со своите искуства во енергетските проекти.

„Со кипарскиот министер разговаравме за размена на искуства, како е тоа решено кај нив, како е регулирано бидејќи тие имаат многу производство од обновливи извори на енергија. Потоа за домаќинствата – таму според законот секое домаќинство треба да има соларни панели и како тоа сè се регулира со мрежата. Разговаравме и за некои интересни проекти, на пример тие имаат проект за поврзување со подводен кабел со Израел. Разговаравме за многу интересни теми“, објасни министерката за МИА.

Откри дека добила покана за посета на Кипар како прв министер од кај нас, за подетално да разговараат со министерот Папанастасиу за кипарските искуства и како тие можат да ни помогнат во однос на легислативата, бидејќи тие мора да применуваат европски практики.

За улогата на нашата земја во регионот, министерката објаснува дека се работи на проекти со соседните земји и во однос на природниот гас и во однос на електричната енергија, истакнувајќи ја важноста на поврзаноста со сите соседни земји.

„Иако сме од најмалите држави во регионот, сепак географската положба е многу важна, бидејќи сме крстосница. Сега тоа ќе се види со гасот. Секако имаме само една конекција со Бугарија, сега ќе има уште една со Грција. Минатата година потпишав меморандум за соработка со Република Србија. Тука имаме само 25 километри кои треба да се изградат, работиме на тоа, што значи дека преку нас ќе поминува транзитна рута и ќе се снабдува не само Србија, туку и Унгарија и Австрија“, рече министерката во однос на природниот гас.

Во однос на електричната енергија, објасни дека сме поврзани со сите соседи освен со Албанија, но дека се работи на нова тендерска процедура, нешто што, како што посочи беше започнато од 2015, меѓутоа без исход и сега ќе постои нов повик.

„Тоа се работи со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Тука сме во завршниот дел и како што знаете Албанија е поврзана со Италија и можеме ние да бидеме транзит од Бугарија-Македонија-Албанија-Италија, но и од Грција, што значи дека ќе бидеме поврзани со сите наши соседи, што е многу добро“, истакна министерката.

За енергетиката на глобалната сцена и предизвиците со кои би можеле да се соочиме во иднина, Божиновска вели дека она што е потребно е да се зголеми домашното производство за да не бидеме зависни од увозот, а конкретно за влијанието на војната на Русија врз Украина рече дека на почетокот тоа се одрази на цената на гасот, меѓутоа ние не консумираме, не трошиме многу гас.

„Ние имавме една криза, ценовна криза. Не недостиг на електрична енергија, туку цените беа високи до 1.000 евра за мегават час. Тоа се надевам дека нема да се повтори, но никој не може да влијае на геополитичката ситуација. Ние се надеваме дека ќе го зголемиме нашето домашно производство и кога ќе го зголемиме нашето домашно производство не мора да сме зависни од увоз, што значи дека какви било влијанија нема да влијаат на зголемување на цените. Работиме на зголемување на домашното производство и секако на зголемување и јакнење на мрежата, на нашата мрежа од МЕПСО. Потпишавме минатата година со ЕБРД за Милетково, значи да се зајакне за да може сите овие нови обновливи извори да се инкорпорираат во нашата постојана мрежа“, истакна министерката во разговор за МИА од Атина.

Божиновска заедно со нејзините колеги од Грција и Кипар, Теодорос Скилакакис и Јоргос Папанастасиу учествуваа на панел-дискусија на Енергетскиот самит посветена на „Енергетската голема игра: Геополитика и глобалниот пазар на енергија“ и ги пренесоа нивните енергетски искуства и проекти во трите земји.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ