четврток, 26 декември 2024

Бошњаковски и Грозданов се откажаа од кандидатурата за Советот на АВМУ

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите по Одлуката за објавување на јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Двајца кандидати веќе се откажаа од денешната средба со пратениците – Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов.

Објавено на

часот

Сподели

Бошњаковски се откажува од приватни причини, а Грозданов има сериозни забелешки на организацијата и начинот на избор на членови на Советот на АВМУ.

„Донесов одлука да ја повлечам мојата апликација за член на Совет на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Имајќи предвид дека целиот процес се одвиваше јавно, мојава одлука ја објавувам исто така како информација од јавен карактер. Во дадениов момент решив дека ќе дадам приоритет на други професионални обврски. На утрешната јавна расправа на Комисијата за избор и именување во Собранието најавувам дека нема да бидам присутен. Би сакал јавно да се заблагодарам на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, како и на Институт за комуникациски студии кои ми ја дадоа нивната поддршка за кандидатурата. На останатите кандидати им посакувам среќа“, напиша вчера на својот фејсбук-профил Бошњаковски.

Грозданов, утрово во колумна за Нетпрес го искажува своето незадоволство од организацијата на денешната јавна расправа. Пренесуваме делови од колумната:

„Законот вели дека ако сакаш да се кандидираш мора да исполнуваш професионални стандарди во медиумскиот свет, но и да собереш подршка од сериозни организации кои посредно и непосредно се дел од медиумската слика. И за тоа да се претставиш на јавна расправа пред овие сега за жал докажани екстремно безобразни и невоспитани пратеници со сопствена програма пред нив, но и пред целокупната јавност преку собранискиот ТВ канал и пред сопствените поддржувачи. Не навијачи пријатели. Туку оние кои ти укажале доверба, а за тоа ти си ги убедил во одреден временски период и си ги замолил да бидат присутни при твојата експликација или претставување, како сакате.

Тоа значи дека секој кандидат МОРА да добие временска рамка од најмногу половина час, во колку часот и на кој датум ќе може да се претстави пред овие сега за жал екстремно безобразни и невоспитани пратеници, но и пред своите подржувачи, сѐ со цел дали тоа што го ветиле пред нив ќе го кажат и во Собранието на Македонија.

На огромно разочарување, на сите кандидати без исклучок им е соопштено да дојдат денес среда 13 Ноември во 12 часот и да чекаат да бидат повикани. И покрај моето инсистирање и ветување дека тоа нема да биде така, сепак одлуката на овие екстремно безобразни и невоспитани пратеници не е сменета.

Со овој потег ја урнисаа секоја трошка надеж дека нема да има политички панаѓур и дека нивна перцепција за демократија е, нема место за индивидуи, туку само за колективитети како во времето на Сталин во Украина кога умреле од глад милиони невини човечки суштества кои само сакале да се прехранат“, напиша Грозданов.

Сега се вкупно 22 кандидати кои ќе се борат за седумте нови места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тие веќе го поминаа „филтерот“ на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по што на јавна расправа ќе одговараат на прашањата од пратениците.

Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив, меѓу другото, се и правници, новинари, аналитичари, информатичари… Меѓу нив има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во АВМУ.

На јавниот конкурс беа пријавени 31 еден кандидат, во меѓувреме еден се откажал, а шестмина беа дисквалификувани на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која се одржа на 4 ноември, зашто не донеле уверение за државјанство и останаа 24. Собранието со двотретинско мнозинство треба да ги избере седумте члена на Советот на АВМУ.

Условите за член на АВМУ ги исполнувале кандидатите Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Миле Бошњаковски, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Даљипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Виктор Грозданов, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.

Не ги исполниле условите следните шест кандидати – Маријанчо Танушевски, Димитар Мицев, Дарко Стефановски, Селфер Ајдини, Виолета Симова Билбиловска и Владимир Крстески.

Законот забранува за член на Советот да биде избрано лице кое е именувано од страна на Собранието или Владата. Законот, исто така, забранува за членови на Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политичките партии во последните 10 години. Законот бара кандидатите да имаат работно искуство од најмалку осум години во струката и кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото.

На седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата одржана на 4 ноември, пратеничката на Европскиот фронт Иљире Даути обвини дека повеќето од пријавените кандидати за членови на Советот на АВМУ и се познати на јавноста и инволвирани во државни органи или политички партии. Таа ја напушти седницата на Комисијата бидејќи, како што рече, не сака да учествува во политизирањето на оваа институција, која треба да биде независна.

Сегашните членови беа избрани во 2014 со мандат од 7 години. Законот потоа се смени за мандатот да се скрати на 5 години, но беа донесени измени мандатот да им трае додека не се изберат нови. Со години Собранието не можеше да изгласа нови, што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ