четврток, 19 декември 2024

Борбата против корупцијата е законска обврска и на власта и на опозицијата, порачуваат пензионерите

Партијата на пензионери, во потполност ги поддржува и охрабрува, акциите и мерките кои државните институции ги преземаат во борбата против корупцијата и криминалот во земјата, појави кои дефинитивно се, најголемата повеќедецениска рак рана на општество која ги поткопува сите пори и темели на животот и работата на граѓаните на државата, се наведува меѓу другото во соопштението на Партијата на пензионерите.

Објавено на

часот

Сподели

Партијата на пензионери особено е загрижена за како што велат, евидентната корупција во правосудниот систем, што има за резултат длабоки и далекусежни последици кои системски го разградуваат општеството.

„Сите заедно уште еднаш мораме да се потсетиме и јавно да препознаеме дека корупцијата и криминалот немаат политичка, верска, социјална или друга позадина, туку секогаш имаат за цел прибавување финансиски, имотни и други добра само за лична цел како и за своите фамилии и придружниците во криминалот. Борбата против корупцијата и криминалот, не може и не смее да биде поединечна, периодична и само со политички цели, туку мора да се води системски, секојдневно, на сите рамништа, бескрупулозно и без пардон кон сите прекршители на законите, без оглед на нивната политичка, етничка и било која друга припадност и без никаква селективност на што ние како Партија на пензионери посебно инсистираме. Граѓаните го заслужуваат тоа, но во исто време тоа претставува законска, морална и политичка обврска на сите политички гарнитури кои се и на власт и во опозиција“, велат од партијата.

Партијата на пензионери, исто така бара луѓето кои укажуваат на корупција и криминал, како во судството така и во сите други државни органи, да добијат целосна институционална и правна заштита.

„Како земја членка на НАТО и земја претендент за членство во Европската Унија по ова прашање немаме апсолутно никаква алтернатива во суштинската борба против корупцијата и криминалот. Чесно, сплотено, одлучно!!!“, се наведува во соопштението на Партијата на пензионерите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ