„Во моментов имаме министер од политичка партија која во минатото знаеше да се спротистави на гласните новинари и да затвора телевизии. Сосема е оправдано што граѓаните реагираат, јас нема повеќе ништо да додадам од она што е соопштено од МВР. Од денеска за тоа што се случувало, зошто и на кој начин е уапсен новинарот, вклучена е и внатрешна контрола, така што мојот коментар ќе го дадам по извештајот од спроведната контрола“, изјави Бојмацалиев денеска во Охрид.
На прашањето на новинарите дали можело и поинаку да се постапи, Бојмацалиев рече дека секогаш постојат повеќе начини да се постапува, а дали тоа бил исправниот начин тоа ќе го покаже внатрешната контрола по случајот.
Тој денеска имал состанок со раководството на СВР – Охрид на кој, како што рече, се разговарало и за тековната оперативна акција – претседателски и парламентарни избори 2024 година.
„Досега имаме одлична комуникација со сите политички партии и немаме индиции за нарушување на изборниот процес. А така ќе продолжиме во тесна комуникација и со граѓаните и со партиите со цел полицијата да биде на терен со нив и да го гарантираме изборниот процес“, рече Бојмацалиев.