сабота, 27 јули 2024

Боинг лансираше капсула без екипаж на тестен лет во орбитата (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

ЦСТ-100 Старлајнер беше лансиран денес во раните утрински часови по средноевропско време од вселенскиот центар Кејп Канаверал на Флорида, со ракета Атлас 5 на Боинг-Локид Мартин во соработка со Јунајтед лонч алајанс (УЛА).

Ако сè помине според планот, капсулата вечерва ќе стигне до Меѓународната вселенска станица, околу 400 километри над Земјата. Претходниот обид во 2019 за малку ќе завршеше со катастрофа и капсулата мораше пред време да се врати на Земјата, без да стигне до ИСС.

Потоа во август 2021 новиот обид мораше да биде откажан во последен момент, дури и пред самото лансирање, поради технички тешкотии откриени при последните проверки.

Во капсулата е лансирана кукла наречена Рози која седи зад командите. Има петнаесетина сензори кои собираат информации за движењата.

Старлајнер освен куклата во вселената однесе и 230 килограми материјали за ИСС.

[video:https://youtu.be/VANVp4xmT3E autoplay:0]

Капсулата треба да остане четири до пет дена приклучена за вселенската станица пред да се ослободи за враќање на Земјата, а предвидено е нејзино спуштање со падобрани во пустина во Ново Мексико.

Ако мисијата биде успешна, НАСА ќе биде чекор поблиску до остварување на својот план Старлајнер да стане средството за превоз на астронаутите до ИСС и нивно враќање на Земјата.

Откако во 2020 повторно почнаа лансирања со екипажи во орбитата од американско тло, девет години откако беше прекината програмата на спејсшатловите, американската вселенска агенција мораше за превоз на своите астронаути да ги ангажира ракетата Фалкон 9 и капсулите Кру драгон на компанијата Спејсекс во сопственост на мултимилијардерот Илон Маск.

Претходно единствената опција за превоз до вселенската станица и назад беа советските летала Сојуз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ