Бобан три години работеше заедно со Чеферин во УЕФА, но од денеска заминува од функцијата.
Хрватот го образложи своето заминување кое е поради несогласувања со Чеферин.
„Разговарав со претседателот на УЕФА за проблемот до кој дојде на последниот состанок на Извршниот комитет во Хамбург. Станува збор за измена на статутот на УЕФА со цел да му се овозможи на Чеферин на следниот Конгрес на 8 февруари во Париз, да истакне нова кандидатура иако овој мандат треба да му е последен“, вели Бобан.
„Откако изразив загриженост и целосно несогласување со начинот и предлогот, претседателот ми одговори дека за него не постои никаков правен ниту морално-етички проблем и дека без никаков сомнеж ќе продолжи со таа, по мое мислење, погубна идеја. Парадоксално, во 2017 година Чеферин предложи пакет реформи кои требаше да ја заштитат УЕФА од лошо управување со тоа што главни две точки требаше да бидат, претседателот и членовите на Извршниот одбор да не можат да се кандидираат повеќе од трипати (12 години) и да биде воведена старосна граница од 70 години за сите членови“.
„Во овие три години, односот и соработката со Александер и сите мои колега во УЕФА беа одлични. Им благодарам за тоа и им посакувам се најдобро. Жал ми е и тажен сум, но ја напуштам УЕФА“.
И УЕФА го потврди заминувањето на Бобан.
„УЕФА сака да го објави заминувањето на Звонимир Бобан од организацијата со меѓусебен договор. Бобан се приклучи на организацијата во 2021 година како шеф на фудбалот и иницираше неколку значајни проекти во техничкиот развој, вклучувајќи го и формирањето на Фудбалскиот одбор на УЕФА и Младинскиот фудбалски форум. УЕФА ја изразува својата благодарност до г-дин Бобан за неговата посветена услуга и му посакува многу среќа во неговите понатамошни напори во кариерата“, стои во соопштението на УЕФА.