четврток, 26 декември 2024

Блинкен ги критикуваше запаливите изјави на ултрадесничарските израелски министри

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги критикуваше, како што рече, „неодговорните“ и „запаливи“ изјави на израелските министри и пратеници, кои повикуваат на раселување на Палестинците од Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Блинкен оцени дека на палестинските цивили мора да им се дозволи да се вратат „дома штом ќе дозволат условите“.

„Тие не може и не смее да бидат под притисок да ја напуштат Газа“, рече Блинкен денеска на заедничката прес-конференција со премиерот и министер за надворешни работи на Катар Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, пренесе Си-ен-ен.

Неодамнешните изјави на израелските министри за финансии и за национална безбедност предизвикаа бес, бидејќи тие се залагаа за раселување на Палестинците.

Блинкен денеска се среќава со принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, во рамките на посетата на регионот, чија цел е да се избегне ширење на конфликтот меѓу Израел и Хамас од Газа.

Потоа ќе отпатува за Израел, а ќе ги посети и Западниот Брег и Египет. Тоа е негова четврта посета во регионот од почетокот на разорната војна на 7 октомври, а ги опфати и Турција, Грција, Јордан, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Во Абу Даби Блинкен разговараше со претседателот на Емиратите, Мохамед бин Заед, за ситуацијата во Газа, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, пренесе Франс прес.

Блинкен ја нагласи „важноста од итен одговор на хуманитарните потреби во Газа“ и им се заблагодари на Емиратите за „важниот придонес во испораката на хуманитарна помош за цивилите“, рече портпаролот.

Блинкен инсистираше, рече портпаролот, „на потребата да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот и ја повтори посветеноста на Вашингтон да обезбеди траен мир што ќе ја гарантира безбедноста на Израел и ќе го промовира формирањето независна палестинска држава“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ