„Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели“, соопштија од МЖСПП.
Согласно вака утврдената состојба за Битола од денеска важат посебни мерки, а тоа е интензивирање на вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А и Б-Интегрирана еколошка дозвола и елаборати, инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци, интензивирање на вонредните контроли на градилиштата, забрана на горење на отворено како и интензивирање на вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрираните возила.
Во оваа смисла, а согласно „Акцискиот план за чист воздух за грејната сезона 2024 – 2025г.“ и задолженијата, сообраќајната полиција и мобилната единица за безбедност на сообраѓајот на патиштата (МЕБСП) на Министерство за внатрешни работи (МВР) во изминатиот месец извршиле засилени контроли на возилата што сообраќаат низ градовите во државата.
Во доставениот извештај до Работната група за чист воздух на МЖСПП во период од 13 декември 2024 година до 13 јануари 2025 година страна на СВР Скопје, СВР Тетово, СВР Охрид, СВР Битола, СВР Велес, СВР Куманово, СВР Штип, СВР Струмица и МЕБСП се извршени вкупно 6.984 контроли на возила.
Во Скопје се направени 562 контроли, во Тетово 367, во Охрид 1564, во Битола 993, во Велес 546, во Куманово 540, во Штип 1338, во Струмица 498, а од страна на МЕБСП на патиштата 576 контроли.
Во врска со недозволената загаденост на Битола од МЖСПП препорачуваат сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, работодавците да го реорганизираат работното време, а се препорачува и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.