На прашањето дали сака да биде повеќе вклучен и да влијае на политиката како Илон Маск, Бил Гејтс одговара – никако.
„Мислев дека правилата на играта се да ги избирате работите за кои се грижите, да се фокусирате на неколку критични работи, наместо да им кажувате на луѓето за кого треба да гласаат… Секогаш гледав на тоа како начин да помогнам. Мислев дека Брегзит е грешка, но не пишував на твитер секој ден за тоа“, рече тој.
Гејтс и Маск се од различни генерации, нивните личности не би можеле да бидат поразлични иако и двајцата сакаат да го освојат светот, пренесува британски Тајмс.
Бил Гејтс е во мисија да спасува животи, а Маск сака да стигне до вселената. На Гејтс не му се допаѓа споредбата.
„Јас сум многу поинаков. Навистина е лудо тоа што тој може да ги дестабилизира политичките ситуации во државите. Мислам дека на странците не им е дозволено да даваат пари во САД, други земји можеби ќе треба да усвојат заштитни мерки за да се сигурни дека супер богатите странци нема да ги нарушат нивните избори. Тешко е да се разбере зошто некој кој има фабрика за автомобили во Кина и во Германија, чиј ракетен бизнис е зависен од односите со суверените нации и кој е зафатен со намалување на државните трошоци на САД за две милијарди долари и раководење со пет компании, е опседнат со оваа приказна за состојбата на работите во Велика Британија“, изјави тој.
Тој е особено вознемирен од понижувањето на демократски избраните лидери од Маск и неговата поддршка на екстремната десница.
„Сакате да го промовирате десното крило, но велите дека Најџел Фараж не е доволно десно крило… Ти си за АфД во Германија… Сите можеме претерано да реагираме… Ако некој е супер-паметен, а тој е, треба да размисли како може да помогне. Но, ова е популистичко мешање“, додаде Гејтс.
И покрај критиките и предизвиците, Гејтс нагласува дека останува посветен на својата филантропска мисија, користејќи го своето влијание и ресурси за да ги поттикне глобалните промени.