понеделник, 30 декември 2024
БиХ

Вака утрово изгледа разорената Јабланица, најмалку 21 загинат, во тек е масовна потрага по исчезнатите (ВИДЕО)

Утрово спасувачите ја започнаа потрагата по исчезнатите во селото Доња Јабланица во северниот дел на Херцеговина, кое беше затрупано од огромни наноси од камења, песок и кал во катастрофалните поплави што вчера ја погодија Босна и Херцеговина.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Припадниците на цивилната заштита, пожарникарите, Планинската спасувачка служба и другите служби се обидуваат да стигнат до куќите за кои се стравува дека го кријат најголемиот број исчезнати во поплавите и одроните што ги погодија општините Јабланица и Коњица и неколку други централнобосански општини во петок навечер.

Се пребарува и Неретва, бидејќи има информации дека пороите однеле најмалку еден човек во таа река. Градоначалникот на Јабланица Дамир Шабановиќ вели дека се ангажирани голем број спасувачи и градежни машини. „Вложуваме максимални напори да им помогнеме на сите, да спасиме луѓе и објекти“, рече тој.

Утринава Дневни аваз објави снимка со дрон од уништената Јабланица.

Според последните податоци, пронајдени се 16 тела на жртви, додека медиумите јавуваат и за 17 пронајдено на подрачјето на Јабланица, кои биле жртви на поплави и одрони од камења. Официјално, 12 лица се пријавени за исчезнати во Доња Јабланица, додека медиумите јавуваат дека се работи за повеќе десетици случаи. Едно лице загина во Бутуровиќ Поље во општина Коњица, а се трага по уште четири лица. Тројца удавени лица се пронајдени во Фојница во централна Босна.

Сообраќајот на главниот пат кон Мостар сè уште е во прекин бидејќи еден дел од патот е урнат во реката Неретва. Во оваа општина и соседната Коњица има голем број населени места кои сè уште се отсечени од светот. Материјалната штета е огромна, а помош за Босна и Херцеговина најавија Европската Унија и соседните Република Хрватска и Србија, како и бројни други земји.

Како што јави репортерката од Н1 БиХ која се наоѓа во Јабланица, вчера во селото Злате загинала трудница откако врз неа паднало дрво. Големи штети се забележани и во селата Глогошница и Шабанчиќи, но за среќа луѓето успеале да се спасат и во текот на ноќта нашле безбедно сместување.

На подрачјето на општина Фојница нема нови жртви или исчезнати лица. Најтешка е ситуацијата во Дусина. Околу 500 луѓе се без струја и вода за пиење. Бидејќи 6 километри од патот до ова место е целосно отсечен, механизацијата за санација е преместена преку планините. На пат се и интервентните служби, потврдија за Н1 БиХ од кабинетот на началникот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ