Главната порака на посетата на генералниот секретар на НАТО Марк Руте на европските земји беше: „Време е да се зголеми издвојувањето за одбраната“. Но, БиХ оди во спротивна насока. Пред 23 години државата издвојувала дури 3,0 отсто од БДП за одбраната, додека денес таа бројка изнесува едвај 0,8 отсто.
Министерството за одбрана на БиХ за 2025 година побарало буџет од 695,9 милиони конвертибилни марки, но планирано е да добие 390,5 милиони. Имајќи предвид дека вкупниот буџет на Советот на министри изнесува 1,57 милијарди КМ, барањето на министерството за одбрана, кое сочинува речиси третина од вкупниот износ, било неизводливо.
Освен тоа, средствата од 390 милиони КМ веројатно дополнително ќе бидат намалени со амандмани, како што се случувало во претходните години. Дополнителен проблем претставува и најавата на министерот Зукан Хелез за зголемување на коефициентот на вработените на министерството за одбрана, што дополнително ќе го оптовари буџетот.
Планот за модернизација за периодот 2017-2027 предвидува постепен раст на буџетот за да се овозможи набавка на опрема со покривање на редовните трошоци. Меѓутоа, од 2015 година буџетот на министерството за одбрана почнал да се намалува, од 1 отсто од БДП паднал на 0,7 отсто во 2022, што е најниското ниво во поширокиот регион. Од 2023 година изнесува 0,8 отсто.