петок, 18 октомври 2024

Би-би-си: Паника меѓу младите Швеѓани по предупредувањето за војна: „Не сме спремни“

Предупредувањето на двајца високи претставници на одбраната до Швеѓаните да се подготват за војна, предизвика загриженост и обвинувања за непотребна паника, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин на конференцијата во неделата изјави дека „може да има војна во Шведска“. Неговата порака тогаш беше поддржана од врховниот воен командант, генералот Микаел Бајден, кој рече дека сите Швеѓани треба ментално да се подготват за таа можност.

Сепак, опозициските политичари го критикуваа тонот на предупредувањето. Поранешната премиерка Магдалена Андерсон изјави за шведската телевизија дека иако безбедносната ситуација е сериозна, „не е како војната да е пред врата“.

Организацијата за права на децата Брис рече дека нејзината национална телефонска линија за помош обично не прима повици за можноста за војна. Но оваа недела забележала пораст на бројот на загрижени повици од млади луѓе што ги виделе вестите или објавите на Тикток што зборуваат за тоа. „Ова беше добро подготвено, не беше нешто истресено од ракав“, изјави портпаролката на Брис, Маја Дал за Би-би-си. „Треба да даваат информации наменети за децата кога кажуваат вакви информации за возрасни.“

И покрај острите пораки, забелешките на министерот за цивилна одбрана и воениот командант се сметаат за повик на тревога. По повеќе од два века мир, Шведска е на неколку чекори од влез во НАТО. Таа чека зелено светло од турскиот парламент, а потоа и од Унгарија. Врховниот командант рече дека неговите изјави не се ништо ново.

Шведскиот министер за цивилна одбрана изјави дека неговата цел не е да шири паника меѓу луѓето, туку да ги освести за тоа што всушност се случува. Тој ги повика локалните власти, организациите за итни ситуации и поединци да реагираат.

„Ако има нешто што ме држи буден ноќе, тоа е чувството дека работите се движат премногу бавно“, рече Болин на конференцијата на „Општество и одбрана“ во неделата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Шведска за време на конференцијата да соработува со неговата земја и другите за производство на оружје.

Премиерот Улф Кристерсон додаде дека во 2024 година Шведска ќе ја исполни целта на НАТО да потроши 2 отсто од БДП за воена одбрана, двојно зголемувајќи ги трошоците од 2020 година.

Експертот за одбрана Оскар Џонсон вели дека тонот на предупредувањето на одбранбените лидери е „како бура“ и дека 90% од кажаното произлегува од фрустрацијата што се прави премалку за да се изгради цивилна и воена одбрана. „Времето е ограничено и целта беше да се разбудат агенциите и поединците“, изјави тој за Би-би-си.

„Шведските вооружени сили се неверојатно компетентни, но не се доволно големи за војна. Најновиот закон за одбрана вели дека треба да воспоставиме три и пол бригади, додека Украина имаше 25 кога почна војната“, вели тој.

Предупредувањето на генералот Бајден доаѓа по предупредувањето од шефот на полскиот Уред за национална безбедност (ББН), Јацек Сивиер, кој рече дека за да избегнат војна со Русија, земјите од источното крило на НАТО треба да направат тригодишен план за да бидат подготвени за конфликт. Тој рече дека извештајот на Германскиот совет за надворешни односи, кој сугерира дека Германија и НАТО треба да ги подготват своите вооружени сили за да можат да издржат руски напад во следните шест години, е „премногу оптимистички“.

Оскар Џонсон, аналитичар на Шведскиот одбранбен универзитет, рече дека иако војната е можна, ќе треба да се совпаднат неколку фактори за таа навистина да се случи: руската војна во Украина треба да биде при крај за руската армија да има време да се обнови и да се вооружи, а Европа треба да ја изгуби американската воена поддршка.

Сето ова е можно, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ