среда, 12 февруари 2025

Безбедносна конференција во Минхен, можна средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија

Минхенската безбедносна конференција е местото каде што е можно да се оствари средба на повисоко ниво меѓу македонски и бугарски високи претставници, по формирањето на новата Влада во Софија минатиот месец. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека досега немаат остварено комуникација со новата Влада на Бугарија и очекува шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски да одржи средба со бугарскиот колега Георг Георгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција што треба да започне на 14 февруари. Шефицата на државата, пак, Гордана Сиљановска Давкова, гледа деблокирање на евроинтеграцискиот пат.

Објавено на

часот

Сподели

„Немаме остварено контакти со новата бугарска Влада. Очекувам сега на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, министерот за надворешни работи да оствари средба со неговиот колега од бугарската Влада, но се уште нема потврда за такво нешто. Доколку се случи, се разбира, јавноста ќе биде информирана“, рече Мицкоски.

Мицкоски минатата недела истакна дека очекува во наредниот период да се одржат средби со претставници на бугарската Влада за одблокирање на евроинтегративниот пат на државава.

„Што се однесува до средби, ние и веќе имавме средби во минатото со највисокото бугарско раководство со тогашниот нивен технички премиер. Очекувам во периодот што следи на различно ниво да има средби со бугарската Влада и тоа не е нешто што треба да не изненади. Нити ние ќе исчезнеме, нити тие ќе исчезнат, ние повторно ќе си бидеме соседи“, изјави Мицкоски минатата недела за евентуални средби со новото бугарско раководство, откако претходно министерот за европски прашања Орхан Муртезани од Брисел изјави дека бугарската страна е подготвена за разговори.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, гледа деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес. Според нејзините сознанија, како што изјави вчера, има исчекор. Ново е, рече таа, тоа што групата за пријатели на Западен Балкан е активна и „има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“.

Според претседателката, процесот не зависи само од земјава која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата, потребно е време, добра волја и манифестирање добрососедство.

Сиљановска-Давкова очекува во директните средби да се разговара за можните решенија, а во добрососедството, како што истакна, не може да препознае вето и слични закани.

„Гледам деблокада. Процесот не зависи само од нас, зашто ние покажавме невидена и нечуена кооперативност кога е во прашање нашата евроинтеграција. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара. По моите сознанија, има исчекор. Јас и во Аушвиц се видов со претседателот на Бугарија. Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање, Очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија. Она што е ново и инспиративно е дека групата за пријатели на Западен Балкан, што значи и наши пријатели, е активна. Јас знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4. Знаете дека склучивме Договор за заедничката меѓунардона и безбедносна политика. Впрочем, иако не сме членка на ЕУ имаме целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика и мислам дека треба време, треба, она што е најважно – добра волја, треба манифестирање добрососедство. Во добрососедството не можам да препознаам механизми како ветото и сличните закани“, рече Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарско прашање во врска со објавата на „Еуроактив“ дека Бугарија останува на ставот за промена на Уставот како дел од Преговарачката рамка.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани минатата недела во изјава за МИА од Брисел рече дека претставникот на Бугарија во Работната група за проширување на ЕУ му пренел дека бугарската страна е подготвена за разговори и упатува позитивни пораки за воспоставување на дијалог.

„Мислам дека се создава добра средина, која што мора да ја искористиме не само да воспоставиме дијалог, кој мора да го има помеѓу соседните земји за да се градат добрососедските односи, туку и простор што ќе не води кон заедничко прифатливо решение, кое конечно ќе не внесе во ЕУ“, истакна Муртезани.

Во обид да се деблокира европскиот пат на земјава и таа да ги започне преговорите по првиот кластер „Основни вредности“, Владата предложи решение за уставни измени со одложено дејство, кој неофицијално го доби називот „француски предлог плус“. Предлогот превидува сега да бидат усвоени уставните измени, со кои во Уставот како еден од народите што живеат во земјава би се вметнале и Бугарите, но тие да стапат во сила откако Бугарија ќе го ратификува договорот за членство на државава во Европската Унија по завршување на целиот процес на пристапни преговори.

„Еурактив“, пак, пренесе соопштение од новата бугарска Влада дека таа одбива да преговара со Северна Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Бриселскиот портал ја пренесе изјавата на премиерот Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето, но посочува и дека првите сигнали од бугарска страна се дека нема да има обнова на дијалогот.

„Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не е билатерален проблем, туку е услов на Брисел кон Скопје“, наведува порталот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ