По синоќешната убедлива победа на Барса против Елче, Реал Мадрид денеска одговори со уште поубедлив триумф над Ваљадолид. Можеби битката за титулата е недостижна, но двата ривали во среда го играат реваншот во Копа дел Реј, па со голема самодоверба ќе влезат во тој натпревар.
Попладнево на „Бернабеу“, избраниците на Карло Анчелоти славеа лесно со 6-0.
Резултатот го отвори Родриго, а потоа на сцена стапи Карим Бензема, кој за 7 минути постигна хет-трик. Прво со глава ја затресе мрежата на гостите, потоа биеше неодбранливо од врвот на шеснаесетникот за 3-0, за на крајот атрактивно со акробатски потег да забележи нов гол и 4-0 пред паузата.
Во продолжението од натпреварот, Асенсио погоди за 5-0 во 73. минута а конечниот резултат го постави Лукас Васкез во втората минута од судиското надополнување.