четврток, 26 декември 2024

Бендевска во обвинителство, за бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ „Македонска крвава свадба“ е бугарска драма

Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола иако е избришан од Централниот регистар, продолжува да функционира, а таму антологиската драма на Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“ на 4 ноември, денот кога се слави ослободувањето на Битола, беше претставена како бугарското културно наследство. Ова денеска го изјави потпретседателката на македонското Собрани Весна Бендевска откако го извести битолското обвинителство.

Објавено на

часот

Сподели

На 1 ноември бугарскиот клуб одржа настан на кој говорниците рекоа дека Војдан Чернодрински е бугарски преодбеник, „Македонска крвава свадба“ дел од бугарското културно наследство и олицетворение на борбите и стремежот за слобода на Бугарите. Говорникот Калин Крумов рече: „Сижето е познато, двајца млади се вљубуваат, Турците ја грабаат девојката, а Бугарите се спротивставуваат. Публикуваме оригинални документи, оригинални текстови, без корекциите Бугарка да се чита Македонка, Бугарија да се чита како Македонија“, рече промоторот на книгата Калин Крумов.

„Ова се провокации и повреда на македонските национални чувства“, вели Бендевска, која денеска го извести Oбвинителството дека клубот се уште работи.

„Ќе прашам децидно дали државните институции можат да најдат начин на кој ќе го забранат дејствувањето на ова избришано од Централен регистар здружение на граѓани со фашистичко име. Доколку има индиции веднаш ќе поднесам и нова кривична пријава против Љупчо Ѓоргиевски, поранешниот претседател на поранешното здружение кое е избришано од регистарот“, рече Бендевска.

Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар лани во март откако тогашниот министер за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одби барањето бугарското здружение да го користи името на Михајлов, соработник на фашистите во Втората светска војна. Клубот доби рок да ја усогласи работата со измените во Законот за здруженија и фондации. Според нив, во називот не можат да користат имиња на личности што се поврзуваат со национална, етничка нетрпеливост, геноцид, поддршка на нацизам и фашизам. Но, клубот не го промени името.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ