Одлуката на претседателот во заминување, кој повеќе пати ветуваше дека нема да ги користи своите овластувања за да го помилува синот, предизвика жестоки критики, а некои демократи кажаа дека ја поткопува довербата на јавноста во владеењето на правото.
Бајден, чиј мандат завршува на 20 јануари кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп стапува на должност, потпиша во неделата безусловно помилување на Хантер Бајден и кажа дека верува дека неговиот син бил селективно гонет и неправедно на мета на политичките противници на претседателот.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан Пјер ја бранеше пред новинарите постапката на претседателот и кажа дека Бајден верува дека Хантер се соочил со дополнителни напади на неговите противници, кои не ги именуваше. Жан Пјер е една од бројните функционери на Белата куќа кои во минатото зборуваа дека Бајден нема да го помилува својот син.
„Една од причините поради кои претседателот го помилува е тоа што се чинеше дека неговите политички противници нема да попуштат. Не изгледаше дека ќе продолжат понатаму. Тие и понатаму би го гонеле неговиот син. Тоа е она во што верува“, кажа портпаролката.
Жан Пјер истакна дека ова не е првпат претседател да помилува член на семејството. Бил Клинтон го помилува својот полубрат Роџер пред да ја напушти функцијата, а Трамп таткото на својот зет, Чарлс Кушнер.