понеделник, 10 февруари 2025

Балтичките земји се поврзаа на мрежата на ЕУ еден ден по историскиот прекин на врските со Русија (ВИДЕО)

Естонија, Летонија и Литванија денеска објавија дека успешно се приклучиле на европската електрична мрежа, еден ден по исклучувањето од онаа во Русија. Балтичките земји го планираа комплексниот чекор да се одвојат од мрежата од советската ера што ја користат Русија и Белорусија со децении, а руската инвазија на Украина го забрза тој процес.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Поврзувањето со европската мрежа дополнително ќе ги интегрира трите земји со Европската унија и ќе ја зајакне безбедноста на нивните електроенергетски системи. „Успеавме!“ напиша летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс на платформата Икс.

Трите земји се исклучија од мрежата ИПС/УПС, воспоставена во 1950-тите, во саботата наутро. На стотина метри од границата со Русија беа исечени каблите што ги поврзуваа со таа земја, а деловите им беа поделени на присутните како сувенири.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и самата Естонка, претходно оваа недела го прогласи отцепувањето од советската мрежа за „победа на слободата и европското единство“.

Балтичкиот регион е во состојба на готовност по дефектите на низа подводни енергетски, телекомуникациски или гасни конекции во регионот. Се верува дека Русија стои зад некои од нив, но Москва тоа го негира.

Полска и балтичките земји испратија морнарица, елитни полициски сили и хеликоптери на местото на настанот откако во декември беше оштетен подводниот енергетски кабел меѓу Финска и Естонија.

Литванската војска започна со работи кои ќе ја заштитат копнената врска со Полска. Аналитичарите предупредуваат дека понатамошното оштетување на енергетскиот систем ќе ги зголеми цените на енергијата во регионот на нивоа на кои Балтикот сведочеше на почетокот на руската инвазија.

Мрежата ИПС/УПС беше последната врска на Русија со трите земји, независни по распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти, членки на Европската унија и НАТО од 2004 година.

Литванија, Латвија и Естонија престанаа да купуваат електрична енергија од Русија по инвазијата, но продолжија да се потпираат на руската мрежа за контрола на фреквенцијата и стабилност на снабдувањето.

Процесот на одвојување траеше со години поради бројните технолошки и финансиски проблеми и потребата во меѓувреме да се диверзифицира снабдувањето, особено преку подморските кабли, пишува агенцијата Франс прес.

За Русија, одвојувањето значи дека нејзината ексклава Калининград, лоцирана помеѓу Литванија, Полска и Балтичкото Море, останува отсечена од руската главна мрежа, оставајќи ја сама да го одржува својот електроенергетски систем.

Балтичките земји од 2018 година потрошија речиси 1,6 милијарди евра за надградба на мрежите, а Москва инвестираше милијарда долари во изградба на неколку електрани на гас во Калининград.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ