Прекинувањето на електричната врска со Русија, која е богата со нафта и гас, има и геополитичко и симболично значење. Работата на ова се забрза откако рускиот претседател Владимир Путин нареди напад врз Украина пред три години, со што се нарушија односите на Москва со ЕУ.
Литванскиот претседател Гитанас Наузеда неодамна изјави за Асошиејтед прес дека станува збор за „физичко одвојување од последниот преостанат елемент на потпирање на рускиот и белорускиот енергетски систем“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и други високи личности се очекуваат на церемонијата во центарот на Вилнус в недела, на 9 февруари, кога специјално изградениот часовник висок девет метри ќе ги одбројува последните секунди од електроенергетската поврзаност на балтичките земји со Русија.
Трите балтички земји, сите членки на НАТО, имаат главно ладни односи со Русија откако прогласија независност од Советскиот Сојуз во 1990 година. Односите дополнително се влошија поради руската инвазија на Украина во 2022 година.
Во последниве години, 16 далноводи што ги поврзуваа балтичките држави со Русија и Белорусија беа демонтирани бидејќи беше создадена нова мрежа што ги поврзува трите земји со остатокот од ЕУ, вклучително и подводни кабли во Балтичко Море.
Утре ќе бидат исклучени сите преостанати далноводи што ги поврзуваат балтичките земји со Русија, Белорусија и Калининград, руската ексклава опкружена со Полска, Литванија и Балтичко Море.
Потоа, 24 часа, балтичкиот електроенергетски систем ќе работи независно во „островски режим“ и в недела ќе биде поврзан со континентално-европската и нордиската мрежа преку Финска, Шведска и Полска.
Калининградската област, која нема копнена врска со Русија, се потпира на сопственото производство на електрична енергија, според Литгрид, литванскиот оператор на систем за пренос на струја.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека балтичките земји однапред ги објавиле своите планови и дека рускиот енергетски сектор презел чекори за да обезбеди непречено функционирање.
„Овие планови беа одамна објавени и бараа одредени активности од нашите и нивните електроенергетски компании. Ги презедовме сите неопходни мерки за да обезбедиме сигурна и непречена работа на нашиот единствен енергетски систем“, изјави Песков за новинарите.
Трите балтички земји, кои заедно делат граница од 1.633 километри со Русија и Белорусија, во јули официјално ги известија Москва и Минск за својот план да се исклучат од нивните електрични мрежи. Националните оператори на балтичките земји добија 1,2 милијарди евра поддршка од ЕУ и други за да се синхронизираат со континентално-европската мрежа.
Наузеда рече дека Литванија „направи многу во последните 30 години за да се исклучи (од рускиот и белорускиот систем) и да стане независна“.
„Пред три години престанавме да купуваме енергија од Русија. Тоа беше нашиот одговор на војната во Украина“, рече Наузеда.
Иако однапред ги информирале своите поранешни советски партнери за плановите, трите балтички земји се претпазливи во врска со можниот одговор од Москва и Минск.
Литванскиот оператор Литгрид минатата недела изјави дека „ризикот од сајбер-напади останува голем“, наведувајќи дека се потребни континуирана будност, соработка, одбранбени чекори и „цврсти“ сајбер-безбедни мерки за ефикасно ублажување на потенцијалните закани.
Летонската премиерка Евика Силиња во средата предупреди на можни провокации, но рече дека нејзината земја е добро подготвена и дека службите, вклучително и армијата и националната гарда, ги засилуваат безбедносните мерки.
„Очигледно има ризици, ние тоа многу добро го разбираме. Но ризиците се идентификувани и постои план за вонредни ситуации во случај да се остварат“, рече Силиња.
Откако властите во балтичките земји ги објавија своите планови, на социјалните мрежи и на улиците на нивните градови беше покрената пропагандна кампања со лажни предупредувања дека ќе има прекини на струја и сериозен недостиг од енергија, а дека сметките за струја вртоглаво ќе пораснат.