Од почетокот на 20 век, кога се организирало Илидненското востание во Македонија, особено во годината 1903, кога подготовките биле најинтензивни, постојат сведоштва за „коректниот“ однос на бугарската држава спрема турската империја која всушност требала да се справува со македонските востаници на својата територија. Во австралискиот весник „Баларт стар“ (The Ballart star), на 24 февруари 1903 има објавено дека „турскиот султан му се заблагодарува на принцот Фердинанд од Бугарија за уапсените македонски комити“. За да нема дилеми ( ни од денешен аспект), за припадноста на секој од учесниците во конкретниот настан во 1903, весникот јасно наведува: султанот на Турција, принцот од Бугарија и македонските комити.
Објавата во австралискиот весник, шест месеци пред Илинденското востание во Македонија е уште еден аргумент дека во „заедничката историја“ на која инсистира Бугарија денес, според Договорот за добрососедство со Македонија од 2017 година, „допирната точка“ е во тоа што бугарските и македонските интереси и во тоа време биле спротивставени. Архивите на светскиот печат немилосрдно ја подриваат историската манипулација на Бугарија за некакво заедничко Илинденско-Преображенско востание.