петок, 8 ноември 2024

Бајден: Ова беше историски претседателски мандат

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се обрати на нацијата од градината на Белата куќа, првпат по убедливата победа на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори и поразот на неговата потпретседателка Камала Харис.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бајден кажа дека му се јавил на Трамп и му честитал на победата и ја истакна важноста на мирната транзиција на власта: „Повеќе од 200 години Америка го спроведува најголемиот експеримент на демократијата во историјата на светот. Луѓето гласаат и ги бираат сопствените лидери, и тие тоа го прават мирно. Во демократијата секогаш преовладува волјата на народот“, кажа Бајден. „Не можете да ја сакате својата земја само кога победувате“, порача американскиот претседател во заминување.

Бајден ја пофали потпретседателката Камала Харис за нејзините напори во кампањата: „Има одличен карактер. Таа го даде сето свое срце и труд, и таа и нејзиниот тим треба да бидат горди на кампањата која ја водеа“, кажа Бајден.

Ги наброја постигнувањата на својата влада во изминатите четири години и му изрази благодарност на својот тим: „Толку вложивте во изминатите четири години. Знам дека ова е тешко време. Ве боли поразот. Ве слушам и гледам, но не заборавајте што сè постигнавме. Ова беше историски претседателски мандат“, кажа Бајден најавувајќи дека резултатите на политиката на неговата администрација и вложувањата во Американците допрва ќе се видат.

Бајден не зборуваше долго во обраќањето до нацијата и не одговараше на новинарски прашања. Се очекуваше дека можеби ќе одговори на критиките од редовите на демократите кои му го замеруваат задоцнетото повлекување од претседателската трка, што според некои довело до уверливиот пораз на Харис.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ