Бајден денеска во обраќањето од Белата куќа го претстави договорот во три фази што Израел им го предложи на екстремистите на Хамас, што според него ќе доведе до ослободување на преостанатите заложници од Газа и може да стави крај на речиси осуммесечната војна, објави Асошиејтед прес.
Американскиот лидер рече дека Хамас „повеќе не е способен“ да изврши уште еден голем напад врз Израел и ги повика Израелците и Хамас да постигнат договор за ослободување на заложниците за продолжен прекин на огнот.
„САД секогаш ќе се погрижат Израел да го има она што му е потребно за да се брани“, рече тој.
„Ако Хамас не ги исполни своите обврски од договорот, Израел може да продолжи со воените операции. Но, Египет и Катар ме уверија дека продолжуваат да работат за да се осигураат дека Хамас нема да го стори тоа“, додаде Бајден.
Тој го претстави предлогот за договор во време кога израелската армија потврди дека нејзините сили дејствуваат во централните делови на Рафа и дека ја проширува офанзивата во јужниот град Газа.
Американскиот претседател го нарече „вистински дефинирачки момент“, додавајќи дека Хамас изјавил дека сака прекин на огнот и дека етапниот договор на Израел е можност да докаже дали навистина го мисли тоа.
Израел соопшти дека околу 100 заложници сè уште се држат во Газа, се верува дека таму се телата на уште 30 од нив.
Преговорите за прекин на огнот се во застој од почетокот на мај по напорите на САД и другите посредници да обезбедат договор со надеж дека ќе се спречи планираната израелска инвазија на Рафа.
Главната пречка беше барањето на Хамас војната да заврши и израелската армија целосно да се повлече во замена за ослободување на сите заложници, што Израел го одби.
На крајот од својот говор во Белата куќа, Бајден рече дека „време е војната да заврши, да започне следниот ден“.
„Време е да започне нова фаза, заложниците да се вратат дома, Израел да биде безбеден, страдањето да заврши“, рече американскиот претседател, апелирајќи до лидерите да го прифатат договорот, да го направат вистински, траен и да обезбедат подобра иднина од трагичен терористички напад и војна.