четврток, 19 декември 2024

Азески: Работиме на економски прашања кои треба да доведат до раст на БДП над 3 отсто

Клубот на извозници, Националниот совет за извоз и Институтот за извоз ќе претставуваат столб на Комората во наредните 10 години. Од Владата бараме и се усогласуваме да ја ставиме политиката на страна од економијата и да се занимаваме со економските прашања кои треба да ѝ донесат напредок на земјата и раст на БДП од над 3 отсто, порача претседателот на Стопанската комора и на Националниот совет за извоз, Бранко Азески на денешната седница на Клубот на извозници при Стопанската комора.

Објавено на

часот

Сподели

На седницата, на која беа присутни и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски и директорот на Царинската управа (ЦУ), Бобан Николовски, се зборуваше за активностите на Царинската управа за олеснување на трговските процедури, мерките за поддршка на конкурентноста и промоцијата на извозот на компании од земјоделско-прехранбениот сектор, како и за стратегијата за поддршка на извозните компании за периодот од 2024 до 2028 година.

„На минатата седница ветивме дека на ваше барање ќе го викнеме директорот на Царинската управа и еве денеска го донесовме заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Сè што имате кажете им, а доколку имате и други барања на наредната седница ќе обезбедиме други информации, а ќе ви ги соопштиме и информациите кои ги имаме“, им се обрати Азески на присутните на седницата.

Тој ги информираше дека на седницата на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) донеле одлука на секоја седница да има посебна точка на дневен ред за проблемите на извозниците во шесте земји од Западен Балкан.

„На тој начин ќе имате пристап за решавање на проблемите кои ќе се јават на тој план. На сајтот на КИФ ќе има и посебно прозорче за делегирање на прашања за негативностите со кои се соочувате, а за тоа ќе ги информираме и политичките лидери во земјава на средбата што ќе ја имаме кон средината на идниот месец“, рече Азески.

Министерот Трипуновски истакна дека се поразителни бројките колку како држава трошиме за увоз на храна и дека од година во година се сè полоши и полоши. Трипуновски додаде дека интенција на министерството е да се зголеми производството, да бидеме отворени и транспарентни и со олеснета бирократија која може да биде и фрустрирачка во некој дел. Затоа, посочи, ќе се работи на делот на дигитализација за олеснување на бирократските процедури.

„Сепак, за првите 10 месеци од годинава има одредени сегменти каде бележиме раст како држава и во делот на извозот на храна има зголемување за 11 проценти, кај пијалоците за 4-5 проценри, а во делот на тутунот и тутунските производи за 15 проценти. Во вкупна бројка за 10 месеци, имаме извоз од околу 670 милиони евра“, рече Трипуновски.

Тоа, како што кажа, е добар сигнал и почнуваат да се гледаат показателите дека Владата добро работи во овие шест месеци.

„Како земјоделски сектор наследивме доста отворени прашања и застарени процеси кои треба да се придвижат во позитивен правец. Целта на министерството е да го зголемиме домашното производство и затоа веќе во програмата за наредната година за директни плаќања ќе има одредена модификација со цел поголема стимулација кон земјоделците да ја зголемат продукцијата, односно да имаат ефект парите што ги даваме за субвенции“, рече Трипуновски.

Тоа, како што посочи, ќе се одрази и на извозот на земјоделски производи и преработки.

„Работиме на сет законски измени во повеќе гранки, како винарството, тутнопроизводството и градинарските култури и тоа го правиме во соработка со засегнатите. Паралелно помагаме на одредени сектори кои се наоѓаат во мала криза преку директна поддршка“, потенцира Трипуновски и рече дека им стои на располагање на стопанствениците за да се олеснат некои недостатоци или процеси.

Директорот на ЦУ истакна дека Царинската управа е само контролор на постапките и не е надлежна за смена или повлекување на царинските стапки, но вети дека ќе ги пренесат барањата на стопанствениците до надлежните министерства за финансии, како и за економија и труд.

„Континуираниот дијалог и соработка на ЦУ со бизнис-заедницата е основа за исполнување за нашите стратешки приоритети – зајакната економска конкурентност и економска трансформација на државата и борба со корупцијата и криминалот. Во овие насоки спроведени се конкретни мерки кои ќе придонесат за градење на демократска и конкурентна држава“, нагласи Николовски.

Тој посочи дека од 1 јули до 16 декември годинава се наплатени приходи од 60,1 милијарда денари или за 6,4 проценти повеќе во однос на истиот период од минатата година. Во јули приходите од наплата на акциза се зголемени за 18,8 проценти, а на царина за 17,7 проценти. Во септември наплата на акциза е повисока за 25,9, а на царината за 24,4 проценти. Трендот продолжува и во наредните месеци, а се планира да се задржи и во декември.

„Презедовме значителни правни чекори за сузбивање на секој обид за нелегална трговија и од јули до сега, евидентирани се 242 случаја на заплена на стоки или речиси двојно повеќе од истиот период лани кога имало 132 случаја, при тоа од 1 јули до денеска поднесени се 55 кривични пријави или за три пати повеќе од лани кога се поднесени 16 пријави“, рече Николовски и посочи дека забрзано се работи на имплементација на клучни проекти за олеснување на транспортот и трговијата и на системот за регистрација и идентификација на економските оператори…

Директорот на царината додаде дека се работи и на понатамошна дигитализација на царинското работење и  усогласување со системите во ЕУ.

„Целта е создавање на потполно дигитално царинско работење, што ќе ви помогне вам на бизнисмените во секој сегмент, како и за поголема сигурност на стоките кои влегуваат и излегуваат од државава“, потенцира Николовски и додаде дека во последните шест месеци ЦУ работи во насока да биде слуга на народот, извозниците, увозниците и оние што транзитираат со стоки и патници во земјава.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ