недела, 22 декември 2024
Претседателот на Стопанската комора пушти снимка

Азески со порака до премиерот и министрите: Ако немате респект, не доаѓајте во Комората

За тоа каков е односот на власта кон бизнисот, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески пушти снимка од една средба на која бил премиерот со министрите и која илустрира како тие гледаат да си заминат што побрзо. „Ако немате респект кон бизнисот, не си го губете времето, не доаѓајте“, ѝ порача Азески денеска на власта.

Објавено на

часот

Сподели

Азески, преку тонска снимка која ја пушти за сите да ја слушнат, илустрираше како изгледа една средба со владини претставници на која претставниците на бизнисот сакаат да ги кажат приоритетите во работењето и уште повеќе да бидат слушнати за  проблемите.

„Ќе си одам јас ама ќе останат министрите тука“, вели премиерот, но министрите, како што објасни Азески, си отишле пред премиерот.

„Не може таков однос, треба да имаш респект за да влезеш во оваа куќа, а ако немаш респект, не влегувај, не си го губи времето. Ако не ти треба оваа куќа, избриши ја“, рече Азески револтирано.

На трибината во дел посветена на сивата економија во земјата, на која Азески се обиде да го претстави односот на власта кон бизнисот, кој е само декларативно позитивен, а практично е без реална активност, потоа се дискутираше за проблемите во домашната економија.

Стопанската комора даде еден предлог, да се воведе давачка од 0,5 отсто при подигање готовина од банка и тие средства да одат за државата, а парите, откако ќе се означат со името „Северна Македонија“, воедно да се номинираат со цел да може да се знае дали се легални и од што потекнуваат.

Според дискуиите, сивата екомонија оперира со кешот кој ја подмачкува корупцијата. Ако во државава таа се сведе на 19 отсто, како во земјите-членки на ЕУ, би се наплатиле многу повеќе буџетски приходи, меѓу 450 и 650 милиони евра, со кои за три години би се собрале средства за изградба на коридорите 8 и 10д, а би можеле да се платат и трошоците за стоки и услуги на сите буџетски корисници.

„Проблемот со сивата економија опстојува долго зашто не сакаме да се соочиме со него и зашто не ги кажуваме работите со вистинското име. Опфаќа законски дозволени активности, а со кои се прави даночно затајување. Со поимот сиво, како да сакаме да кажеме дека не е се толку црно, а во основа, се работи за незаконска економија. Според нашите пресмекти, сивата економија создава околу една третина од БДП. Постои сива економија и во земјите членки на ЕУ, но таму е околу 19 отсто, па кога и кај нас таа би опаднала на слично ниво, би можеле да наплатиме многу повеќе буџетски приоходи, меѓу 450 и 650 милиони евра. Со тие пари за три години би се собрале приходи за изградба на коридорите 8 и 10д, а би можеле да ги платиме и трошоците за стоки и услуги на сите буџетски корисници“, истакна професорот Александар Стојков.

Според потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски, на сите им е јасен проблемот со сивата економија, како на приватниот сектор, така и на Владата, но  нагласи, прашањето е дали има политичка волја, храброст и цврста решеност да се направи нешто за нејзино сузбивање.

„Секој изгубен ден, без резултати, лошите од сивата економија ги прави помоќни, а добрите од формалниот сектор поизложени на ризици од нови давачки“, напомена Јовановски.

Даночниот експерт Павле Гацов подвлече дека главен фактор на сивата економија е готовината и затоа таа треба таа да се истиснува од финансискиот систем.

„Нашиот буџет работи на кеш принцип, таму ги има само уплатите и исплатите, но, има скриена лавина од обврски кои може да се прочитаат на веб страницата на Министерството за финании под ‘СПО’. Ги крие обврските на државата, во моментот изнесуваат 800 милиони евра, и тоа не го пишува во Буџетот. Државата има и побарувања, ги објавува УЈП секој месец и изнесуваат околу 150 милиони евра. На дефицитот ако се додадат овие разлики, тоа се 650 милиони евра, тоа е моментната буџетска позиција на македонската држава. Ова покажува дека во буџетскиот сектор  треба да се направи сериозна редефиниција на известувањето зашто од 31 стандард имаме преведено само еден, за кешот – применување на кеш принципот на водење евиденција“, рече Гацов и потенцира дека „ако новата власт, која и да е, со стари или нови кадри, најдоцна за шест до 12 месеци по изборот не покрене активности, тогаш ќе го гледаме истиот филм“. 

Тој оцени и дека има лавина проблеми на расходната страна на Буџетот, поради што таму е потребен, како што рече, сериозен надзор од експертската јавност.

„Ниту еден од нас не видел отчетност, политичарите лагодно се однесуваат и тоа е својствено за нив. Исто така, немаме модерен систем во буџетска, известувачка, финансиска  смисла, туку работиме со систем од 20-от век“, предочи Гацов.

Заедничка беше констатацијата на учесниците дека мора да има тесна поврзаност меѓу науката, производството и политката.

На трибината беше промовирана книгата „Стратешки документи на Комората” која се базира на четири докумети: Време е за промена на досегашниот модел на економски развој, Модерна реиндустријализација и структурна трансформација на извозот како фундаментални процеси во забрзување на растот на македонската економија, „Сивиот дел” на македонската економија: големина, импликации, решенија и Декларација за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ