Тоа е времето во кое, „по ужасите што ги запиша врагот во својот дневник“, генерацијaта на Ацо Шопов, во чии први редови тој чекореше за време на целиот свој творечки и општествен живот, стапуваше „на прагот на вистинската историја“ и, заедно со ќерките и синовите, трпеливо ја градеше оваа земја, „изрована од несон и себенаоѓање“, пред внуците да свртат нова страница во нејзината историја, за денес правнуците да живеат во еден сосема нов општествен поредок кој, и покрај радикалните разлики, се темели на оној што го откриваме во автопортретот на нашиот поет.
А неговиот автопортрет, велат понатаму од Антолог, е во најмала рака изненадувачки, затоа што колку што широката публика го познава суптилниот лиричар, толку е слабо упатена во другите книжевни и општествени дејноси на Шопов, кој во оваа книга се покажува како исклучителен есеист и беседник со изострен слух за литературата, ликовната уметност и филмот, како сериозен толкувач и критичар на општествените текови и драми, како строг полемичар, како ангажиран издавач и интелектуален работник.
На 19 март книгата ќе ја претстават проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и првенецот на МНТ Никола Ристановски. Ќе им се придружи и Јасмина Шопова, приредувач на книгата и потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која ја организира промоцијата во соработка со „Антолог“ и со „Лабораториум“, каде ќе се одржи промоцијата. Насловната корица на книгата е авторство на Марко Трпески, а графичкото уредување е на Бобан Здравковски Андреевски.
Кон промоцијата се приклучуваат и Националната опера и балет, ФлипБук – Фестивалот на анимирани филмови и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.