Нова студија на платформата Лизингмаркт (leasingmarkt.de) покажува колку е навистина тешко да се дојде до нов автомобил во Германија, дури и кога станува збор за модели кои со децении важеле за „народни“. Резултатите откриваат колку месечни нето плати треба да се издвојат за купување одредени модели, без пресметани трошоци за живот, објавува списанието Феникс.
Голфот, чија почетна цена во Германија е околу 29.400 евра, некогаш беше синоним за разумен и достапен автомобил за секојдневието. Денес ситуацијата изгледа поинаку.
Според истражувањето, продавач или продавачка мора да издвои 14,9 плати за нов голф, односно речиси година и пол работа. Асистент во нега за стари лица мора да издвои 14 плати, наставник 11,1 плата, а матичен лекар само 7 плати.
Новиот голф не е пречка дури ни за пратеник во Бундестагот кој треба да издвои 5,3 плати. Апсолутен рекордер е директорот на компанија ДАКС со 0,11 плати, или три дена работа.
Разликите се драматични и јасно покажуваат колку куповната моќ зависи од професијата.
Ситуацијата станува уште поизразена кај поскапите модели. Ауди А6, чија цена почнува од околу 55.500 евра, е практично недостижен за многумина.
Продавачите би морале да штедат 28 месеци, повеќе од две години, под услов да не потрошат ниту еден цент за други потреби. Негувателите би морале да работат за истиот модел 21 месец. Лекарите би го „исплатиле“ за 14 месеци. Политичарите во Берлин би го заработиле за само 10 месеци.
Бројките јасно илустрираат колку јазот помеѓу различните приходи во Германија станува видлив токму преку цените на автомобилите.
Летоска на пазарот ќе пристигне моделот фолксваген ИД. поло, кој со цена под 25.000 евра треба да биде најприфатливиот германски електричен автомобил.
Меѓутоа, дури и таа сума претставува голем предизвик за просечниот работник во Германија, чија нето плата е околу 2.000 евра месечно. Ова значи дека дури и за „најевтиниот“ електричен модел, треба да се издвои повеќе од целата плата за една година.






