Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец изјави дека размислува да ја ослободи Австралија од царини, партнер во договорот за слободна трговија, кој со децении тргува со Соединетите Држави со дефицит.
Поранешната австралиска влада обезбеди изземање со претходната администрација на Трамп во 2018 година врз основа на аргументи, вклучително и дека австралискиот производител на челик Блускоуп вработува илјадници работници во САД.
Албанис рече дека ќе продолжи да бара австралиско изземање. За да се обезбеди изземањето од 2018 година биле потребни неколку месеци. „Најавено е дека на ниту една земја, без оглед на односите со САД, не ѝ е одобрено изземање. Таквата одлука на администрацијата на Трамп е целосно неоправдана“, рече Албанис.
„Царините и ескалацијата на трговските тензии се форма на економско самоповредување и рецепт за побавен раст и повисока инфлација. Нив ги плаќаат потрошувачите. Затоа Австралија нема да воведе реципрочни царини на САД“, додаде Албанис.
САД официјално ги зголемија царините за целиот увоз на челик и алуминиум на 25 отсто во средата. Одлуката на САД да не ја изземат Австралија беше објавена неколку дена откако избувна јавна расправија меѓу Трамп и поранешниот австралиски премиер кој го обезбеди ослободувањето во 2018 година, Малколм Турнбул.
Трамп го опиша Турнбул, кој ја напушти политиката во 2018 година, откако сопствената влада го собори од премиерската функција, како слаб и неефикасен лидер. „Малколм Турнбул, поранешниот премиер на Австралија, кој секогаш ја водеше таа прекрасна земја „од позади“, никогаш не разбра што се случува во Кина, ниту имаше капацитет за тоа“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
„Отсекогаш мислев дека е слаб и неефикасен лидер и, очигледно, Австралијците се согласија со мене!!!“, додаде Трамп.
Трамп одговараше на интервјуто што Турнбул го даде за американската медиумска компанија Блумберг оваа недела, во кое поранешниот австралиски лидер рече дека кинескиот претседател Си Џинпинг ќе го искористи хаотичното и непредвидливо лидерство на американскиот претседател.
„Мислам дека Кина ќе го искористи, масовно ќе го искористи Трамп“, изјави Турнбул за Блумберг.
„Моето предвидување е дека претседателот Си ќе се стреми да биде целосна спротивност на Трамп. Таму каде што Трамп е хаотичен, тој ќе биде доследен. Таму каде што Трамп е груб и навредлив, тој ќе има почит. Онаму каде што Трамп е непредвидлив, тој ќе биде доследен“, рече Турнбул.
„И тоа ќе изгради доверба со земјите и ќе има многу земји кои, гледајќи ја Кина од едната и Трамп од другата страна, ќе ја сметаат Кина за попривлечен партнер“, додаде Турнбул.