понеделник, 30 декември 2024

Австралиската полиција провалила апликација за размена на пораки на криминалци, апсења низ целиот свет

Австралиската полиција денес соопшти дека уапсила 38 осомничени низ земјата, со истовремени апсења во Канада, Шведска, Ирска и Италија откако се инфилтрирала во Гоуст, шифрирана апликација за глобална комуникација, развиена за криминалците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Се сомневаме дека стотици криминалци, вклучувајќи го италијанскиот организиран криминал, членови на мотоциклистички банди, блискоисточната и корејската мафија го користеле Гоуст во Австралија и странство за шверцување дрога и нарачување убиства“, соопшти полицијата.

Австралиската полиција спречила 50 луѓе да бидат убиени, киднапирани или сериозно повредени со следење на заканите низ 125.000 пораки и 120 видео повици од март, се додава во соопштението.

Наводниот администратор на апликацијата, Јаи Је Ион Јунг, се појавил денес пред вишиот суд во Сиднеј под обвинение дека ја поддржува криминалната организација и користи имот стекнат со криминал. Јунг не се изјаснил за вината ниту побарал да биде пуштен со кауција. Тој ќе остане зад решетки сè додека неговиот случај не се врати пред суд во ноември.

Јунг бил уапсен во неговата куќа во вторникот. Полицијата вели дека Јунг користел мрежа препродавачи за да им нуди специјализирани телефони на криминалците низ светот.

Полицијата наведува дека Јунг ја развил апликацијата за криминална употреба во 2017 година. Австралија во 2022 година се придружи на глобалната работна група предводена од Европол, со задача да го истражува Гоуст.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ