сабота, 19 октомври 2024

АВМУ одзеде три дозволи за работа, телевизиите лани во загуба од 272 милиони денари

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во третиот квартал годинава донела три одлуки за одземање на дозволата за телевизиско/радио емитување и изрекла четири јавни опомени на радиодифузери. Анализата на пазарот за 2023 година покажува дека вкупните приходи во радиодифузната индустрија изнесувале 2.458.000 денари, а вкупните трошоци 2.708.000 денари што покажува загуба од 261 милион денари на сите телевизии. Добивка оствариле само комерцијалните радија која изнесувала 10 милиони денари.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски денеска соопшти дека одлуките за одземање на дозвола  се за Радио Балкан, заради неплаќање на годишниот надомест за дозволата; за радиото Про ФМ, заради недоставување податоци за сопственичката структура, одговорниот уредник/уредници, изворите на финансирање, приходи и расходи и просечна слушаност во 2023 година и за ТВ Канал Вис – заради неплаќање на годишниот надомест за дозволата и неисполнување на минималните кадровски услови утврдени во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола.  Во меѓувреме, посочи Трајчевски, ТВ Канал Вис, го платиле надоместот за дозволата и ги исполниле минималните кадровски услови, по што Советот на Агенцијата ја поништил Одлуката за одземање на дозволата .

На третиот јавен состанок на АВМУ Трајчевски соопшти и дека Агенцијата во јули до Министерството за дигитална трансформација испратила коментари и дополнувања на доставениот скрининг Извештај на Европската комисија за Кластерот 3 за Поглавјето 10, како и ажуриран придонес за Годишниот извештај на Европската комисија за земјава. До Министерството за правда, пак,  доставени се забелешки и коментари на Нацрт- Извештајот за владеење на правото за 2024 година и на предлог-заклучоците на Европската комисија за 18-тиот Поткомитетот за правда, слобода и безбедност.

Советот на Агенцијата изминатите три месеци донел и две одлуки за одбивање на барања за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола за радио и ТВ емитување.

„Едното Барање за објавување на јавен конкурс за непрофитно радио на регионално ниво, на подрачјето на град Скопје, е одбиено врз основа на Известување од АЕК дека за сервисната зона – град Скопје нема можност за определување на нова фреквенциска доделба.  Второто Барање за објавување на јавен конкурс за доделување на дозвола на национално ниво преку дигитален терестријален мултиплекс беше одбиено врз основа на Студијата за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс чии наоди покажаа дека не постои оправданост да се објави конкурс за доделување дозвола за ТВ емитување на државно ниво за програмски сервиси со: претежно забавен општ формат, претежно информативен општ формат и општ формат во кој застапените видови програми ги остваруваат сите три медиумски функции“, рече Трајчевски.

Врз основа на доставено барање од заинтересирана страна за отворање непрофитно радио кое ќе емитува програма во подрачјето на Неготино, е изработена Студија за утврдување оправданост за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за радио емитување на ова подрачје, која покажа дека постои оправданост за објавување јавен конкурс.

Во третиот квартал годинава Советот на Агенцијата, заради констатирани непочитувања на законските одредби донел четири јавни опомени за радиодифузери од кои три за ТВ Гурра и едно за радио Про ФМ.  Донесено е едно решение за јавно опоменување и за исклучување на реемитувањето на програмскиот сервис за операторот Комбо 2003, поради реемитување програмски сервиси кои не се регистрирани во Агенцијата. Врз операторите на јавни електронски комуникациски мрежи извршени се вкупно 46 редовни програмски надзори.

При редовни програмски и административни надзори врз петте национални радија и петте регионални радија, прекршување е констатирано само кај радиото Зона М1, поради не емитување на доброволно пријавениот процент македонска музика на дневно ниво, во периодот од 6 часот наутро до полноќ.

По добиени претставки од физички лица, извршени се два вонредни програмски надзори. Едната претставка се однесувала на серијалот „Приказната за Севда“ емитуван на ТВ Сител за која надзорот покажал дека нема прекршувања на правилата за заштита на малолетните лица. Втората претставка се однесувала на одредени телевизии кои несоодветно го применувале графичкиот приказ за предупредувачка сигнализација, што со увидот во програмата на телевизиите, како што соопшти Трајчевски, било потврдено. Агенцијата потоа испратила допис до сите медиуми со потсетување за правилната примена на предупредувачка сигнализација.

Во 2023 година вкупните приходи во радиодифузната индустрија изнесувале 2.458.000 денари, а вкупните трошоци 2.708.000 денари. Резултатот од работењето на сите субјекти на пазарот покажува загуба од 261 милион денари, при што  загубата на јавниот сервис изнесувала 132 милиони денари, а на комерцијалните телевизии 140 милиони денари. Добивка оствариле само комерцијалните радија која изнесувала 10 милиони денари.

Тоа го покажуваат наодите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 година, претставени денеска на третиот јавен состанок на Агенција за аудио и аудиомедиумски услуги.

Според анализата, што ја претстави Катерина Доневска од АВМУ, финансискиот резултат кој го оствариле комерцијалните телевизии е најлош во периодот од 2018 година до сега. Загубата на целата индустрија во однос на претходната година е за три и пол пати поголема.

Приходите на Македонската радиотелевизија изнесувале 1,000.44  денари, на комерцијалните телевизии 1,272.63  денари, а на радиостаниците 185.50  денари

МРТ има пад на вкупните приходи во однос на 2022 година за 9 проценти, додека приходите на комерцијалните телевизии и на комерцијалните радиостаници пораснале за 3 проценти, односно за 8 проценти.

Половина од вкупните приходи во индустријата биле остварени од рекламирање, 50,28 проценти, а 39,47 проценти се средствата од државниот буџет префрлени на сметката на Македонската радиотелевизија. Останатите 10,25 проценти од вкупните приходи биле остварени по други основи.

Доневска потенцираше дека и во 2023 година како и во претходните пет Владата не му ги префрлила на јавниот сервис предвидените средства. – Во последните шест години МРТ добила речиси три милијарди денари помалку отколу што е предвидено со  Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Токму ова во Финансискиот извештај за МРТ за минатата година е посочено како причина која  доведува до потешкотии во работењето и за остварување негативен финансиски реузлтат, наведе Доневска, споделувајќи и дека од рекламирање МРТ остварила 12,28 милиони денари, што претставува 1,2 проценти од вкупните приходи.

Минатата година терестријалните телевизии на државно ниво  ТВ Алфа, ТВ Алсат-М, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма заеднички оствариле вкупни приходи во износ од 1.106,93 милиони денари, а потрошиле вкупно 1.103,39 милиони денари. Највисоки вкупни приходи остварила ТВ Сител (474,04 милиони денари), а истовремено потрошила и најмногу средства (461,50 милиони денари). Најниски се приходите на ТВ Телма во износ од 115,02 милиони денари.

Според анализата,  86,30 проценти од вкупните приходи овие телевизии ги оствариле од продажба на времето за рекламирање. Учеството на приходите од рекламирање во вкупните приходи на секоја телевизија поединечно е највисоко кај ТВ Сител (98,07 проценти). ТВ Канал 5 од рекламирање остварила 93,73 проценти, ТВ Телма 90,47 проценти и ТВ Алсат-M 87,31 процент. Забележително пониско е учеството на овој вид приходи во вкупните приходи на ТВ Алфа, која од продажба на времето за рекламирање остварила само 30,17 проценти од вкупните приходи. За оваа телевизија најзначаен извор на приходи во анализираната година биле приходите од продажба на содржини, во вкупен износ од 89,09 милиони денари.

„Вкупните приходи од рекламирање што заеднички ги оствариле овие пет телевизии изнесуваат 955,29 милиони денари. Тоа е за 4,71 процент повеќе отколку во претходната година, но се уште помалку отколку во предпандемиската 2019 година“, наведе Доневска.

На јавниот состанок беа претставени и програмските активности на АВМУ во третиот квартал годинава.

А премиерот Христијан Мицкоски денеска ги појасни и причините за формирањето комисија за употребата на македонскиот јазик на ТВ-каналите на кабелските оператори, со одлука донесена на владината седница во вторникот.

„Задачата ќе и биде оние канали кои преку кабелските оператори се уште не го употребуваат македонскиот јазик, да се направи еден таков вид напор, да видиме да почне тоа унапредување за да може да се користи и македонскиот и албанскиот јазик исто како и сите останати јазици кои во моментов се користат. Богатство е кога човек знае повеќе јазици, но добро е да си го заштитите мајчиниот јазик. И добро е кога економски оператори остваруваат некаков профит овде, да знаат барем да го почитуваат македонскиот јазик“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ