сабота, 22 февруари 2025

Асошиејтед прес тужи тројца високи соработници на Трамп

Новинската агенција Асошиејтед прес (АП) тужеше тројца функционери на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека ја прекршува слободата на говорот, и побара од судот да ѝ нареди на Белата куќа да престане да ја блокира работата на своите новинари.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Тужбата е поднесена пред федералниот окружен суд во Вашингтон.

Асошиејтед прес соопшти дека ја поднела тужбата поради неуставниот обид на Белата куќа да контролира како зборува, и во овој случај, да наметне употреба на терминот „Залив на Америка“ за Мексиканскиот залив, во согласност со извршната наредба на Доналд Трамп минатиот месец.

Мексиканскиот Залив е меѓународен термин за овој залив јужно од САД, од кој поголемиот дел е под јурисдикција на Мексико.

„Печатот и сите луѓе во САД имаат право да ги користат своите зборови и да не им се одмаздуваат од страна на владата“, се вели во тужбата на АП.

Обвинети се конкретно шефицата на кабинетот на Белата куќа Сузан Вајлс, нејзиниот заменик Тејлор Будовиќ и секретарката за печат Керолин Левит.

„Овој насочен напад врз уредувачката независност на АП и нејзината способност да собира информации и да известува, е удар во суштината на Првиот амандман“ на американскиот Устав, соопшти американската агенција, додавајќи дека судот мора „веднаш“ да го реши проблемот.

Администрацијата на Трамп засега не ја коментира тужбата.

Како причина за спречување на АП да известува од Белата куќа, од домот на Трамп во Флорида и од претседателскиот авион, тимот на Трамп експлицитно ја наведе одлуката на АП да не ја следи во целост наредбата за преименување на Мексиканскиот Залив во „Залив на Америка“.

Оваа недела, околу четириесет организации потпишаа барање до Белата куќа да престане со таквото однесување кон АП.

Асошиејтед прес е член на внатрешниот круг на медиумски куќи кои известуваат од Белата куќа повеќе од еден век. Агенцијата сè уште може да известува оттаму, но ѝ е забранет пристапот до некои простории на Белата куќа од каде веднаш може да пренесе информации до јавноста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ