недела, 22 декември 2024

Асанж: Бев ослободен од затвор само затоа што се изјаснив за виновен за новинарство

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, денеска рече дека бил ослободен од затвор не затоа што функционирал правниот систем, туку само затоа што „се изјаснил виновен за новинарство“, во своето прво јавно обраќање откако беше пуштен од затворот во Велика Британија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи пред Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур во своето прво јавно појавување по неговото ослободување во јуни, Асанж истакна дека владата на Соединетите Држави „инсистирала“ тој да се согласи да не поднесе жалба со Европскиот суд на правдата.

Основачот на Викиликс ги критикуваше САД за „криминализирање“ на новинарството и тврдеше дека никогаш немало да биде ослободен доколку активистите, официјалните лица и многу други не протестираа и не проговореа од негово име.

„Сакам да бидам комплетно јасен: јас не сум слободен денес бидејќи системот функционираше“, им рече Асанж на пратениците. „По многуте години во затвор денес сум слободен бидејќи се изјаснив за виновен за новинарство“.

„Се изјаснив за виновен за тоа што барав информации од извор, се изјаснив за виновен за тоа што добив информации од извор и се изјаснив за виновен што ја информирав јавноста за таа информација. За ништо друго не се изјаснив за виновен.“

„Се надевам дека моето денешно сведочење може да послужи да ја истакне слабоста, слабостите на постојните заштитни мерки и да им се помогне на оние чии случаи се помалку видливи, но кои се подеднакво ранливи“, додаде тој.

„Она што ми се случи мене не смее да им се повтори на други новинари“

Нема да има судења, сослушувања или рочишта за тоа што се случило и затоа е толку важно Парламентарното собрание на Советот на Европа да направи нешто, рече Асанж.

„Неизвесноста во Европа во однос на тоа што новинарите овде можат да го преземат против транснационалната репресија или евентуалната екстрадиција, доколку сегашната ситуација остане, тоа неминовно ќе биде злоупотребено од други земји. Затоа, институциите како ова собрание, кои ги поставуваат стандардите и нормите, мора да ја разјаснат ситуацијата за да не може да се повтори тоа што ми се случи мене“, рече тој.

На прашањето колку добро, според неговото искуство, функционира политичкиот азил во денешниот свет, Асанж одговори дека политичкиот азил е апсолутно неопходен правен лек за кршењето на човековите права во поединечни држави.

„Тоа им овозможува на луѓето да ја напуштат земјата што ги прогонува. И не само што спасува животи, туку обезбедува механизам благодарение на кој новинарите можат да продолжат да ја вршат својата работа и да известуваат за земјите што ги напуштиле. Заканата дека некој може да ја напушти државата во некоја конечна анализа го контролира однесувањето на таа држава. Мора да има конкуренција меѓу државите, да бидат добра средина за живеење и работа на луѓето“, рече тој.

Нападот на азилот преку транснационална репресија е друго прашање, додаде тој.

„Во мојот случај, беше тешко да се најде земја што ќе ми даде азил. Има голема дупка во системот за азил за луѓето што не бегаат од сопствената земја, туку бегаат од земја што ѝ е сојузник на нивната земја, или од некоја трета земја. Тоа беше случајот со мене. Законот за азил не опфаќа случај кога, да речеме, Австралиец бега од прогон во САД или некој од Казахстан бега од прогон од Русија или Кина. Јас не можев да поднесам молба за азил внатре во Велика Британија. Секако, Британија има свој сопствен политички агол поради кој е тешко да се убеди судот да му даде азил некому, на мене или на кого било друг, во однос на Соединетите Држави во Велика Британија. Но не постоеше никаква шанса за тоа бидејќи во однос на трети земји, според конвенцијата од 1951 година, како што се применува во повеќето европски држави, граѓаните на трети земји не можат да аплицираат за азил“, објасни тој.

„Некогаш нашите објави за воени злосторства предизвикуваа полемики. Денес имаме директен пренос на ужасите во Украина и Газа“

Асанж зборуваше за приспособувањето на својот нов живот, дека повторно им е татко на децата, кои пораснаа без него, дека повторно ќе биде сопруг, па дури ја пофали и својата тешта, што предизвика смеа кај присутните.

Фото: ЕПА

„Што се однесува на моето повторно приспособување на тој голем свет, кој секако постои надвор од мојот престој во затворот, во еквадорската амбасада, во самицата, секако дека ќе треба време да се приспособам. Не се работи само за тоа дека треба да се навикнам на морничавиот звук на електричните автомобили, туку се работи и за промените во општеството. На начинот на кој некогаш објавувавме видеоснимки од воени злосторства, тоа тогаш предизвикуваше толкави бури во јавноста и дебати, а денес секој ден имаме практично директен пренос од ужасот на војната во Украина и војната во Газа. Стотици новинари беа убиени во Газа и во Украина, кога сè ќе се собере, се разбира, неказнивоста расте и сè уште не е сигурно што можеме да направиме за тоа прашање“, рече тој.

На европските земји им требаат закони што спречуваат дискриминација во кривичната фаза

Запрашан што може да направи Парламентарното собрание кога станува збор за вонсудска репресија, Асанж рече дека во завршениот случај пред британскиот суд, против кој Америка се жалела, тој победил врз основа на дискриминација по државјанство.

„Во законот за екстрадиција во Велика Британија не е дозволено да се дискриминира во судски процес или во кривичната фаза да се дискриминира некого врз основа на државјанството, односно националноста. САД се обидоа да употребат различни трикови за да го заобиколат ова во британскиот систем. Сепак, во европската повелба нема ништо што ја спречува дискриминацијата врз основа на државјанството, а кога станува збор за екстрадиција, тоа е една мала заштита што беше тешко да се користи според британскиот закон за екстрадиција, но не е јасно дали тоа постои во повеќето европски земји“, рече тој.

Асанж: Бев политички затвореник затоа што објавивме нешто што го направила американската влада

Запрашан за наводите дека бил под надзор на ЦИА, па дури и дека сакале да го убијат, како и дали се смета себеси за политички затвореник, Асанж одговара дека тој бил политички затвореник.

„Политичката основа за одмаздата на американската влада против мене беше поврзана со објавувањето на вистината за она што го направила американската влада. Во формално-правна смисла, штом САД ја почнаа правната одмазда, тие го користеа Законот за шпионажа, тоа е класично политичко кривично дело“, рече тој.

Асанж за ЦИА

Зборувајќи за ЦИА, тој рече дека разузнавачката агенција ја таргетирала Викиликс, организација што се занимава со новинарство.

„Знаевме дека нешто се случува, го почувствувавме тоа. Сепак, чувството поради некои од пораките што ги добивавме од свиркачите не ни ја даде целата и вознемирувачка слика, која се појави подоцна. Благодарение на нашето истражување, има еден кривичен случај во Шпанија, на кој работеа американски новинари, што исто така ќе биде предмет на кривично гонење. ОД тоа се родија два процеси, односно кривично судење во Шпанија со неколку жртви, од кои едната е мојата сопруга, мојот син, луѓе што дојдоа во амбасадата да ме посетат, новинари, адвокати итн. И имаме една тужба против ЦИА во Соединетите Држави. Како одговор на таа тужба во САД, ЦИА, односно државниот обвинител и шефот на ЦИА, официјално соопштија дека ја прогласуваат информацијата за државна тајна за да се борат против тоа судење. Имено, се тврди дека ЦИА има аргументи да се брани, но дека тие се државна тајна. Затоа, таа парница не може да се реализира. Значи, комплетна неказнивост во рамките за американскиот систем“, рече Асанж.

Фото: ЕПА

„Порано имаше разлика меѓу убиство и војна, повеќе нема“

Запрашан за новите технологии, Асанж рече дека е мошне заинтересиран за нив.

„Заинтересиран сум за некои случувања што се случуваат во криптографијата и овие случувања даваат алтернатива во однос на огромната концентрација на медиуми во рацете на неколку милијардери. Се разбира, овие решенија се во повој, а откритијата на Сноуден беа таа експлозија што ги радикализираше програмерите и инженерите во многу земји, кои себеси се гледаа како агенти на историјата. Тргнаа да создаваат алгоритми што ќе ја заштитат приватноста на луѓето, вклучително и комуникацијата меѓу новинарските извори и новинарите“, рече Асанж.

Од друга страна, кога излегол од затвор, видел дека вештачката интелигенција се користи за масовни убиства, рече тој.

„Порано постоеше разлика помеѓу убиството и војната. Сега тоа е споено во еден фактор и повеќето цели во Газа се бомбардирани како резултат на таргетирање со вештачка интелигенција. Врската помеѓу вештачката интелигенција и надзорот е важна. ВИ мора да ги има информациите за да ги изнедри целите или идеите или пропагандата. Кога станува збор за употреба на вештачката интелигенција за масовни убиства, надзорот почнува од телефоните, од интернетот и тоа е клучно за тренирањето на тие алгоритми на вештачката интелигенција. Многу работи се смениле, некои останале исти. Има многу можности и ризикот е голем. Сè уште се обидувам да разберам каква е ситуацијата и можеби подоцна ќе можам да кажам нешто попаметно“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ