Како што соопшти Град Скопје, во акцијата се отстрануваат старите и исушени дрвја и садници, а на нивно место се засадуваат нови дрвја. Паралелно се отпочнува акција за кастрење во сите делови на Скопје, со што се овозможува непречено движење на пешаците и велосипедистите по патеките, се превенира пад на суви гранки и се обезбедува поголема прегледност на сообраќајната сигнализација, со што се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
„Детектиравме нереализирани решенија дури од 2010 година за кастрење суви дрвја и гранки по пријави на граѓани и институции, затоа отпочнуваме со голема акција за уредување на градското зеленило со садење нови дрвја, кроење на крошните со што градското зеленило добива уреден лик и отстранување на сувите дрвја и садници. Согласно со затекнатата состојба, на градските улици и булевари во изминатите 10 години не биле кастрени околу 2.000 дрвја согласно доставени барања, а севкупно во градското зеленило над 5.500. Со реализацијата на овие активности се обидуваме системски да ги решаваме наталожените проблеми и ги исполнуваме барањата на граѓаните кои се надополнување на заедничките заложби за зелен и чист град, со уредено градско зеленило“, истакна Арсовска.
По налог на Град Скопје, екипите на Јавното претпријатие Паркови и зеленило отпочнаа и со акција за засадување нови дрвја секаде каде во изминатите години биле исечени и отстранети.