За наградата „Пегаз“ можат да конкурираат необјавени романи (ракописи), за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта на Арс Ламина како ворд- или ПДФ-документ.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
Наградата „Пегаз“ е востановена во 2019 година, како своевидно продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината. Целта на наградата „Пегаз“ е да прерасне во книжевен скаут во потрага по квалитетно романескно остварување и по нови писателски гласови што ќе го унапредат овој книжевен вид во рамките на македонската книжевна продукција.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021) и „Зелениот дворец“ од Сибо.