петок, 18 октомври 2024

АПИС: Ниту една наша членка не е засегната од најавата за одземање на лиценцата за работа

Во врска со најавите на Министерството за финансии за одземање на две лиценци на фирми кои приредуваат игри на среќа, а поради неисполнување на законските обврски, Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) денеска информира дека нивниот принципиелен став е дека сите приредувачи на игри на среќа мора да работат согласно сите позитивни законски прописи, и за тоа не смее да се прави никаков компромис.

Објавено на

часот

Сподели

„Како претставници на светски реномирани компании од ЕУ, во нашето деловно работење секогаш се исполнуваат највисоките светски стандарди во оваа индустрија. Оттука, сакаме да потенцираме дека ниту една членка на нашата Асоцијација не е засегната од најавите на Министерството за финансии. АПИС ги поздравува напорите на Владата и Министерството за финансии за расчистување на сите околности поврзани со причините за одземање на овие две лиценци за приредување игри на среќа, бидејќи тоа е во интерес на зачувување на кредибилитетот на целата индустрија“, се наведува во соопштението на АПИС.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вчера информираше дека е иницирана постапка до Владата за одземање лиценца за приредување игри на среќа на две друштва заради неисполнување на условите од издадената лиценца за приредување игри на среќа. Како што информира Димитриеска Кочоска, кај двете друштва е констатирано дека не се платени давачки утврдени со Законот за игри на среќа и за забавните игри и Законот за данок на личен доход.

„Согласно доставената документација од УЈП за извршената надворешна контрола е констатирано дека кај едно од друштвата за кое е иницирана постапка за одземање на лиценцата не се платени давачките во континуитет од јули 2022 година“, посочи Димитриеска Кочоска.

Како што прецизира, Министерството за финансии достави дописи до Финансиската полиција и до Одделението за организиран криминал при МВР за преземање активности за утврдување на фактичка состојба со цел да се утврди дали и во колкав обем има оштетување на буџетот.

Во одговор на новинарско прашање рече дека не може да се направи точна проценка за штетата врз Буџетот, но додаде дека станува збор за голем износ. Дополнително ќе треба да се утврди дали двете друштва се поврзани со поранешни функционери. Едното, како што кажа, не е од Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ