Лидерот на Левица, Димитар Апасиев рече дека на парламентарните избори очекува најмалку тројца пратеници само во Првата изборна единица, а на следните избори дека тој број ќе биде двоцифрен.
„Во единицата очекуваме најмалку тројца пратеници, а на наредни избори двоцифрен број само од кецот. Привршува кампања во која бевме изложени на нефер услови, на бојкот. Но, ние левичарите не сме патетични. Можам да кажам дека Левица ќе изненади“, рече Апасиев.
За СДСМ рече дека го нема народниот дух, за разлика од Левица.
„Тачевизмот е последниот стадиум на груевизмот, после Левица ќе нема место за СДСМ во левиот политички спектар“, нагласи Апасиев.
Тој на ВМРО-ДПМНЕ му порача дека не му треба мораториум за Левица, туку за влез на Бугарите во Устав, мораториум за амнестијата и измените на Кривичен законик со европско знаменце, мораториум за воведување на двојазичност…
Апасиев се осврна на платформата што ја нуди Левица за да може да коалицира со некоја од партиите по изборите. Како што рече, Македонската платформа има пет точки: унитарност на државата, нема преговори за дводомен парламент, нема преговари за конститутивните елементи на нацијата, враќање на територијалната поделба и враќање на инсигниите на државата, знамето и грбот да бидат на цела територија на државата.
Во својот говор Билјана Ванковска рече дека очекува влез во вториот круг и дека заедно со Левица победнички, како црвена армија, ќе го изодат патот до крај на кампањата.
„Пред само три месеци во оваа сала бев претставена како претседателски кандидат на Левица. Еве сум денес тука на крајот на кампањата, но тоа е само првиот дел. Заедно ќе го изодиме патот со Левица до крајот на кампањата. Мислам дека после дебатата на Јавниот сервис, целиот народ ќе увиди која е разликата меѓу нас и нив. Ние сме единствени кои сме антиестаблишмент“, рече Ванковска.
Во својот говор кажа дека таа и Левица се обидуваат да го вратат достоинството, да ја зборуваат вистината и да ги менуваат нештата. Се задржа и на дебатата со нејзините противкандидати посочувајќи дека она што е наречено дебата всушност не било претседателска дебата и дека нејзините противкандидати не дале јасни одговори или воопшто не дале одговори за односот кон ЕУ и НАТО и Договорот со Бугарија.